Со 20.000 евра,пари на американските граѓани овозможена енергетска ефикасност на училиште во Општина Демир Капија

Во изминатите 3,5 години, Општина Демир Капија доби поддршка за два значајни проекти преку фондови на Соединетите американски држави, конкретно преку УСАИД. Првиот проект се однесува на поставување на изолациона фасада на основното училиште „Димче А. Габерот“ во Демир Капија и вториот проект е во рамките на иницијатива на УСАИД за зголемување на транспарентноста на локално ниво, за подобрување на комуникацијата помеѓу локалната самоуправа и граѓаните, како една од повеќето општини во државата.
„Што се однесува до одлуката на претседателот Доналд Трамп да стави во мирување одредени проекти финансирани од САД, таа одлука нема никаков ефект врз овие два проекти кои целосно се реализирани и не се предмет на запирање или ревизија,“ одговорија од Општина Демир Капија на новинарските прашања на Дума.мк кои се однесуваат на финансиски поддршки за подобрување на квалитетот на живот на граѓаните во Македонија како донации на американските граѓани.
Поточно со првиот проект во оваа општина во Вардарски регион е поставувена изолациона фасада на основното училиште „Димче А. Габерот“.
„Со овој проект се обезбедија подобри услови за работа и учење, значително намалување на трошоците за греење и ладење и заштита на животната средина преку намалување на емисиите на штетни гасови. Финансиската конструкција изнесуваше 1.200.000 денари од УСАИД и дополнителни 850.000 денари кофинансирани од страна на училиштето, додадоа од Општина Демир Капија.
Вториот проект е за зголемување на транспарентноста на локално ниво во соработка со УСАИД.
„Овој проект помогна во подобрување на транспарентноста на општинските процеси, зголемена достапност на информации за граѓаните и подобрување на довербата во локалната самоуправа. Проектот беше финансиран целосно од страна на УСАИД и опфаќаше повеќе општини низ државата, вклучително и Демир Капија,“ пишува во одговорот на општинската администрација.
Исто така, Општина Демир Капија констатира дека решила приоритетни проблеми поврзани со подобрување на условите во образовните институции и зголемување на транспарентноста, што се клучни потреби на граѓаните.
