Собрани 129.000 денари на хуманитарен настан на Здружение на лица со церебрална парализа и други попречености во Велес (фото)
Аукција на 14 донирани уметнички дела од реномирани локални и национални уметници, како и од две лица со попречености Билјана Чукоска и Бубе Дуков, базар со рачни изработки на новогодишни производи како и производи од лековити билки по повод јубилејот 25 години постоење и работа на Здружение на лица со церебрална парализа и попречености во Велес. Настанот се одржа вчера вечер во НТ„Јордан Хаџи Константинов – Џинот“. Здружението сите собрани средства на овој хуманитарен настан ќе ги намени за одржливост на социјалната сервисна услуга „живеење со поддршка“.
– Здружение на лица со церебрална парализа и попречености за оваа сервисна услуга поседува лиценца. Документот овозможи успешно функционирање на четири мали групни домови во кои што се сместени 20 лица со попреченост. Тие се деинституционализирани од Специјален завод Демир Капија. Всушност ова се куќи во кои што ние им понудивме похумани услови за живот. Исто така ги вклучиме овие лица во секојдневното живеење,откако претходно со децении живееле во Демир Капија, за вечерва сите тие да се со нас. Ова е нивно прво присуство на хуманитарен настан. Тоа е целта на постоењето на малите групни домови, овие лица да почувствуваат што е љубов, што е топлина и што е дом. За се ова, за што јас ви зборувам, најзаслужни се вработените во домовите поточно негуватеките или жените кои 24 часа се нивна поддршка се разбира со заедничка поддршка на целиот стучен тим, рече Далиборка Златева,претседателка на Здружение на лица со церебрална парализа и попречености.
Присутните велешани на настанот, што се одржа во фоајето на велешки Театар, освен што беа запознати со работата и целите на граѓанското здружение, учествуваа на аукцијата и купија уметнички дела, рачно изработени украси како и производи со лековити билки. Последниве се изработени од вредните раце на членовите на здружението.
За време на овој хуманитарен настан собрани се вкупно 129.000 денари, најголем дел од продадените 12 уметнички дела или 101.000 денари додека останатите 28.000 денари од продажбата на новогодишни украси и производи од лековити билки.
Стефани Манева