Тренчевска: На годишно ниво бројот на жртви на семејно насилство изнесува од 1.200 до 1.500, има и деца
За повеќе аспекти на родово базирано насилство, за семејно, за дигитално и насилството над жени во униформа, доцна попладнево, разговараа вработените жени во македонската Армија и од Командата за обука во велешкиот Гарнизон „Алексо Демниевски Бауман“ со министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска, проф.д-р Богдана Ристовска Димитрова, психијатар и терапеут и Ангелина Станоеска вонредна професорка на Правен факултет на Универзитет „Свети Климент Охридски“.
-Стандардите на НАТО не го толерираат во никој случај насилството над жените, не смее да се случува во институциите во делот на одбраната. Не зборуваме овде затоа што нешто треба да се каже туку на база на факти што се случуваат во АРМ или Министерство за одбрана. Сакам што поскоро да станеме членка на ЕУ за тоа да стане принцип за сите институции. Во дел од нив постапувањето, да не се лажеме, зависи и од самите вработени. Имаме стандарди но колку вработениот е посветен, надминал одредени предрасуди и стереотипи или еднакво ги третира жените и мажите, во голема мера влијае врз делот на превземена постапка за заштита на жена или маж од семејно насилство, рече министерката Тренчевска.
Податоците на МТСП говорат дека на годишно ниво бројот на извршено семејно насилство се движи од 1.200 до 1.500 пријавени случаи. Меѓу жртвите има и деца.
-Зборувавме за сите форми на кои можеме да помогнеме со ресурсите со кои во моментов располагаме во државата но исто така и за работи што во иднина треба да се направат. На терен состојбата говори дека се повеќе жртви се охрабруваат да пријават семејно насилство меѓутоа патот е многу тежок. Повеќе пати е потребно да се пријавува насилството додека жената жртва е во насилен брак или партнерство. Но има можности да им се помогне и потребно е охрабрување. Тоа што недостасува е поголем број на Шелтер центри и простори во коишто жртвите ќе можат подолго време да живеат со нивните деца затоашто не е лесно да се излезе од насилен брак или партнерство, додаде проф. д-р Ристовска Димитрова.
Професорката посочи дека потребна е психосоцијална поддршка и правна помош како и придружби до институциите за сите жртви на насилство додека нејзината колешка Станоеска говореше за сите видови на родово базирано насилство и состојбата со урнатите табуа во Македонија за поделба на професиите на женски и на машки.
„Ставив на знаење дека не само семејното е родово базирано насилство. Има и други форми како што се демнење, сексуално вознемирување и други пред се сексуални кривични дела. Жртвите добро препознаваат што се случува но некои фактори, како што се предрасудите и стереотипите во средината какошто се страмот,стравот, финансиската зависност и феноменот на обвинување на жртвата се чести причини да не се одлучат да пријават. Сигурно е предизвик да се работи во Армија или Полиција, како доминантно машки професии, за кои од 2017 година наваму мислам дека АРМ има направено доста имајќи ги во предвид НАТО стандардите чија примена резултира со 11 отсто жени вработени во АРМ,“
Трибината во Велес е дел од проектот „Сложувалка“ на Министерство за труд и социјална политика и се реализираше во рамки на „16 дена активизам против родово базирано насилство“.
Убавка Јаневска