Василевски, еден од 12 ученици натпреварувачи и ССОУ„Коле Неделковски“ домаќин на државниот натпревар на електомашински и сообраќајни училишни центри (ФОТО)

Објавено на 6 мај, 2022 во 13:57
Фото: Трајче Василевски

Ученикот Трајче Василевки од трета година е само еден од вкупно 12 ученици на ССОУ„Коле Неделковски“ коишто денеска се натпреваруваат  на Државните натпревари на електромашинските  и сообраќајните  училишни центри во Македонија.  На натпреварите коишто годинава се одржуваат во средното училиште во кое Василевски се образува учествуваат вкупно 100 средношколци натпреварувачи од државата.

Фото: Свечено отворање на државниот натпревар

Со Трајче Василевски разговаравме непосредно пред почетокот на натпреварот. Тој вети дека ќе се обиде да ги повтори резултатите што ги постигна на општинскиот и на регионалниот натпревар на ученици од струката електротехничар за компјутерска техника и автоматика.

-Најчесто одговорите на прашањата коишто се составен дел на писмен тест се од материјалот што ние го учиме од стручните предмети. Дел од прашањата на општинскиот и на регионалниот натпревар, на кои јас освоив по 78 поени или втори места, беа лесни но дел и потешки на кои потрошив најмногу време при одговарањето. Денеска се натпреварувам на државен натпревар и очекувам најдобрите да бидат победници. Им посакувам среќа на сите ученици што денеска се натпреваруваат во моето училиште, додаде Василевски.

Фото: Дел од учениците учесници на натпреварот

Според него од големо значење во подготовката за натпреварите била работата со професорите ментори. Лично со Василевски  за општинскиот, регионалниот и државниот натпревар работеле четворица професори ментори на ССОУ„Коле Неделковски“. Трајче, исто така,  потенцираше дека за постигнување на резултатите влијаеле и знаењата стекнати како од теоретската така и од практичната настава што се изведува во ова средно училиште во градот.

Градоначалникот на Општина Велес Марко Колев  пред да го прогласи за отворен државниот натпревар рече дека образованието е клучно за развојот на државата.

Фото: Марко Колев, градоначалник на Општина Велес

-Јас особено го следам развојот на ова училиште затоашто тука го завршив средното образование. Се што во него се случува во изминатите 10 до 15 години добро е  и така треба да продолжи. Нека победат најдобрите и да им посакаме среќа на сите ученици коишто се натпреваруваат, додаде Колев.

Фото: Весна Стојанова Богоевска

Директорката на ССОУ„Коле Неделковски“,Весна Стојанова Богоевска, им посака добредојде на сите натпреварувачи, ментори, гости како домашни така и од збратименото училиште „Техничка школа“ од Власотинце,  соседна Србија. Таа истакна дека по две годишна пауза, поради ковид пандемијата, да се биде домаќин на држани натпревари претставува огромна чест и задоволство.

-Се надевам дека денеска како домаќини ќе бидеме уште еден показател на фактот дека можат да одат заедно теоријата и праксата како и на тоа дека искуството, младоста, знаењето и вештините можат да бидат преточени во дела. И понатаму ќе докажуваме дека сме училиште во кое стекнатото знаење и вештини се барани на пазарот на труд, додаде Стојанова Богоевска.

Фото: Свечено отворање на државниот натпревар

На настанот се обрати и претседателот на Здружението на електромашински и сообраќајни училишни центри, Драган Јаневски. Резултатите и победниците на годинешните натпревари ќе бидат познати денеска, во попладневните часови.

Убавка Јаневска

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.