Единствената жена во светот,гинисова рекордерка, во брзинско искачување на Монт Еверест дојде во Велес
Таа е девојка која има 31 година, висока едвај 163 сантиметри и тешка 50 килограми, скромна по природа и тивка по карактер. Се вика Чурим Долма Шерпа и е професионален шерпас од Непал. Нејзината грандиозност е во тоа што е Гинисова рекордерка поточно единствената жена во светот што два пати за една седмица со искачи Монт Еверест од две различни страни. Чурим овој рекорд го реализираше пред три ипол години, на 12 и 19 мај 2012. Таа е потпретседателка на Светската алпинистичка Федерација. Чурим вчера стигна во Велес. По поминати над пет илјади километри, со авион, попладнево веќе беше подготвена за разговор во кој ни ја раскажа својата животна приказна. Тука е за да ги поттикне Македонците на несекојдневен потфат и доколку одлучат да го освојат Монт Еверест тогаш таа ќе ја предводи експедицијата на нивното искачување до највисокиот врв во светот.
На Википедија за Чурин ќе прочитате повеќе информации поврзани со нејзиниот Гинисов рекорд за кои пишувале бројни светски медиуми. Таа беше малку збунета кога ја прашав, ја чувствува ли во себе величината за која пишувале новинарите низ светот. Ми одговори сосема кратко дека е обична девојка што за прв пат дошла во Македонија каде за свој пријател го има семејството на велешанецот Антонио Китанов. Премолчав и не искоментирав дека и не можела да пронајде поголеми пријатели во нашата земја од овој човек и од Игор Смилев, исто така пасионирани вљубеници во природата.
„Дојдов во преубавата Македонија, за која многу слушав. Јас сум професионален планинарски водич на лесни тури, достапни за секој човек, без оглед на физичката подготвеност. Јас имам сертификат за мојата работа и сум овластена да водат туристички групи на Хималаите и на Монт Еверест. Во Непал имам своја компанија, во која вработени се тројца луѓе, јас, еден американец и велешанецот Антонио Китанов од Македонија. Дојдов да го споделам моето искуство и да реализирам презентација за она што ние работиме во реонот на Непал, на Хималаите како и Монт Еверест. За илјадниците други знаменитости во мојата родна земја за кои можеби досега малкумина слушнале а тоа е убав туристички производ,“ рече Чурим Долма Шерпа.
Приказната за рекордот во брзинско искачување на највисокиот врв во светот Чурим ја заврши со зборовите дека и е мило што Непалец или Непалка го сторила тоа. Потфатот кој е невозможен, тежок и ризичен да се реализира во една седмица таа го сторила дури два пати без да има било какви проблеми.
„Тогаш имав само една цел да ги поттикнам жените што повеќе да се вклучат во туризмот Знаете жените во мојата земја се запоставени. Јас сакав да им покажам дека жените се јаки, можат да го издржат притисокот и подобро и полесно да го поднесат во споредба со мажите,“ рече Чурим.
Сега која таа е во нашата држава има пред себе друга цел поточно да им ја раскаже приказната на луѓето кои тежнеат по планинската возбуда. Во колку тие одлучат да го освојат Монт Еверест тогаш треба да бидат подготвени за три месечна возбуда која започнува кај Катманду, на надморска висина од 600 метри и од каде за да стигнат до првиот базен логор на Монт Еверест, кој се наоѓа пет илјади метри повисоко во планината, ќе пешачат една седмица. Таму ќе одморат за потоа, во наредните педесетина а можеби и шеесет дена, да бидат аклиматизирани и подготвени за да стигнат до опасната зона која панинарите и алпинистите ја нарекуваат смртоносна. Таму во најопасниот дел на врвот се поставуваат четири кампови. Од него експедициите мораат во еден здив во наредните 10 часа да стигнат до врвот и се искачат на осум илјади метри надморска висина но и да се вратат, назад до четвртиот камп.
Тоа досега на Чурим и успеало во два наврати, два пати пред три години додека лани поради земјотрес во Непал кој предизвика огромни лавини таа наместо низ смртоносната зона кон врвот на Монт Еверест мораше клиентите на експедицијата од Нов Зеланд да ги симне долу.
Во наредните дваесеттина дена Чурим заедно со Китанов ќе ги освојуваат македонските врвови, ќе разговараат со потенцијалните кандидати и секако ќе ја договараат првата туристичка експедиција од Македонија за Непал, за Монт Еверест и Хималаите./У.Ј