Велешкото касапско семејство Амбаркови -традиционални производители на квалитетни колбаси и пастрма
Амбаркови се старо велешко касапско семејство кое живее на левата страна на градот. Најстариот од нив бил касапот Ордан роден во 1895 година. Уште како дете го учил касапски занает кај познати мајстори во велешката чаршија. Кога станал мајстор работел во касапницата на мајстор Кузев кој се наоѓал во сарачката чаршија. Ордан имал еден син Стојан и еден внук Димко. Тие не го продолжиле занаетот туку тоа го сторил внукот на Ордан, Ѓоре од брат му Димко.
„Дедо Ордан јас не го знам. Татко ми Ѓоре ми кажуваше дека тој бил многу добар мајстор. Му немало рамен во колењето на вол, теле или свиња. Сите во чаршијата го почитувале,“ рече правнукот на Ордан,Димче. Тој е син на Ѓоре Амбарко од братот на Ордан, Димко.
Неговиот татко занаетот почнал да го учи кај чичко му Ордан. Ѓоре Амбарков имал единаесет години кога починал Ордан во 1950 година па тој продолжил да учи во старата касапница која се наоѓала на брегот на Вардар кај Долни Дуќани, на крајот од Велес. Останал без мајка кога имал само три години и тешко преживувале со платата на татко му Димко кој работел како монополски работник. Во 1952 година, на тринаесет години ,се запишал за месар во средното стопанско училиштето и пракса изведувал во кланицата на тогашниот АК „Лозар“.
„Татко ми ми кажуваше дека тие години му биле најтешки во животот. Од училиште оделе на пракса во старата кланица каде што немало ниту минимални услови за работа. Но, и покрај тоа неговата желба да стане касап победила. По завршување на училиштето станал калфа, а потоа и мајстор. Условите многу се подобриле со изградба на новата кланица кај реката Бабуна. Таму татко ми останал се до 1967 година за потоа, како добар мајстор, да биде пераспореден во продавница во Велес. Во неа работел дваесет и три години, се до распаѓањето на комбинатот,кога во 1990 година сам си отвара месарница. Тогаш јас станав чирак и му сум благодарен ми ги пренесе сите тајни на касапскиот занает. Ние со брат ми Сашко го наследивме и станавме ценети касапи во Велес “, рече Димче Амбарков.
Почетоците биле тешки но, со производството на квалитетни колбаси и особено во зима на пастрма, се повеќе го привлекуваа вниманието на велешките пребирливи граѓани. Тие до денеска прават колбаси и пастрма по рецептите од прочуениот велешки касап Ордан Амбарков. Затоа се познати кај велешани и скопјани, штипјани, кавадарчани кои се нивни постојани купувачи. Тоа што на времето нивниот татко Ѓоре го стекнал, со квалитетот на производите како пресно свинско, говедско, јагнешко и телешко месо, денеска го одржуваат неговите двајца синови.
„Татко ми, кого многу го почитував, беше многу ценет како од муштериите така и од самиот еснаф. Тој беше другар со сите. Тие манири, како што ми велеше, ги научил од чичко му Ордан. После напорната работа, кога ќе го затвореше дуќанот, понекогаш седнуваше во кафеана со другарите Ѓоре Караколев, Никола Василков, Иле Цреварот, Богдан Чакарот и други. Тие беа убави дружби кога со чашка ракија или вино, се веселеа и пееја. Тој имаше големо срце. Четири-пет години, пред да почине, ни ги кажа сите тајни за производството на колбаси и пастрма. Со брат ми и денес ги произведуваме. Татко ми почина во 2014 година, кога имаше 75 години“, рече Димче.
За да се направат добри колбаси потребно е квалитетно месо, а за пастрмата пак, таа треба да биде направена од јалова овца. Од овчкото месо прво треба добро да се ицеди крвта, па потоа добро да се исече, па да се посоли со јадра морска сол и кога сето тоа ќе биде готово пастрмата се остави една до две седмици убаво да се исуши за да може „солта да ја фати“. Потоа се вади солта , а месото се закачува на места каде што има промаа.
„Нашата пастрма многумина од купувачите ја јадат непечена или неварена. Тоа зборува е квалитетна, а за колбасите и да не зборувам затоа што тие преку цела година се најбарани. Морам да кажам и тоа дека во дуќан во секое време имаме квалитетно месо па тому затоа и добро работиме“, вели Сашко Амбарков.
Во дуќанот на Амбаркови, кој се наоѓа во првиот ред од дуќаните на Потокот, на градскиот пазар, покрај мајстор Диме сега се наоѓа и неговиот син Ѓоре, кој го носи името на неговиот дедо. Тој е студент на технолошкo- металуршкиот факултет во насоката прехрамбена технологија. Ѓоре е претставник на четвртото колено од семејната занаетчиска лоза. Сега сите надежи на Амбаркови се вперени во него. На разделба младиот Ѓоре рече:
„Касапскиот занает , што го започнал дедо Ордан, па го продолжил дедо ми Ѓоре, па мојот татко Димко и чичко ми Сашко, никогаш нема да дозволиме да згасне. Традицијата на касапи во фамилијата Амбаркови ќе продолжи. Семејниот занает нема да дозволиме да умре“.
Стоилко Андреевски