Грипот започна да го тресе и Велес
Експанзија на грип во Велес. За само една недела, поточно од 01 до 07 овој месец, регистрирани се вкупно 145 граѓани заразени од грип. Најголем дел од нив се на возраст од 15 до 60 годишна возраст. Од Центарот за јавно здравје велат дека станува збор за заразување кај активно население, додека многу помалку има грипозни од претшколска и школска возраст како и граѓани над 60 години. Зголемена телесна температура, болки во зглобовите , мускулите и грлото, и треска се симптомите на ова заразно заболување. Лекарите велат дека во овој период од годината граѓаните особено оние со намален имунитет треба да внимаваат и да избегнуваат масовни собири.
„Превентивно треба да се делува за да се спречи грипот кај населението. Неопходно е често проветрување на просториите дома, во канцелариите и секако во училниците. Граѓаните треба што почесто да ги мијат рацете, да конзумираат свежо овошје и зеленчук и да пијат многу течности и да го зајакнат имунитетот за да може полесно да се справи со вирозите“, рече епидемиологот д-р Билјана Трајкова од Центарот за јавно здравје во Велес.
Состојбата со грипот била слична и минатата година во Велес. Само во јануари лани имало регистрирано 50 граѓани заболени од грип, додека вкупната бројка изнесувала 400. Со оглед на бројката годинава лекарите стравуваат дека бројот на заразени може да биде уште поголем./Д.С