Скопска „ГО-МА“ бара да се тргнат времените објекти од автобуската во Велес
Ќе се тргаат времените објекти лоцирани на автобуската станица во Велес. Сопственикот на автобуската, фирмата „ ГО-МА“ со седиште во Скопје, веќе го објави повикот во дневен весник, а денеска обезбедувањето на автобуската почнаа да го лепи повикот на киосците, трафиките и другите објекти од времен карактер.
Во повикот пишува дека сопствениците имаат рок од 15 дена да ги дислоцираат своите објекти од дворот на автобуската станица. Станува збор за објекти кои се наоѓаат на катастарската парцела наведена во повикот. Доколку сопствениците на овие објекти не го испочитуваат рокот и не ги отстранат, тоа ќе го направи сопственикот на автобуската со тоа што трошоците за нивно дислоцирање ќе ги сносат сопствениците на времените објекти. Сега засега на автобуската станица во Велес има околу петнаесетина објекти од времен карактер.
Дума ги прашаше сопствениците на автобуската станица зошто бараат дислокација на вреените објекти. Од фирмата „ГО-МА“ во писмен одговор велат дека времените објекти ќе се дислоцираат бидејќи општина Велес има проект за уредување на просторот во дворот и околу автобуската станицата. Штом завршела преселбата на трафиките, киосците и другите времени објекти ќе почнеле градежните работи околу новата инфраструктура на целиот комплекс. Поточно, на местото каде сега се поставени киосците и трафиките ќе се градела новата автобуска станица.
Инаку „ГО -МА“ пред четири години целосно јареновираше внатрешноста на постоечката автобуска станица. Засега нема реакции од сопствениците на времените објекти./Д.С