Во Велес постои маало што името „Солено Чешмиче“ го добило по изворите на солена вода
Едно од помалите маала во Велес е „Солено Чешмиче“. Се наоѓа под Којник, поточно под Бричкова и Прчиева чешма. Името го добило по солената вода која ја има и денес во повеќе бунари и чешмите во дворовите на граѓаните. Солената вода во овој дел на Велес, до пред четириесет години , извираше од под еден голем камен, што се наоѓаше на широчинката , во центарот на маалото и слободно течеше се до изградбата на канализацијата во овој дел на градот. Тогаш изворот на солена вода беше спроведен во канализацијата. Но, десетина бунари, чешми и изворчиња со солена вода сеуште постојат во дворовите на граѓаните кои живеат во овој дел на градот и се доказ дека токму поради нив ова маало го носи името „Солено Чешмиче“.
Во минатото, во маалото „Солено Чешмиче“ живеело чисто македонско население кое се занимавало, пред се, со занаетчиство. Најбројни биле грнчарите. Тогаш таму, меѓу нивните куќи избрале да ја изградат и фабриката за канализациони цевки како и други глинени производи браќата Алексо, Петре и Киро Левкови. Илјадници метри земјени цевки, од оваа фабриката се вградени во водоводната и канализационата мрежа не само во стар Велес туку и во тоа време во многу други градови во Македонија па и пошироко.
На влезот во „Солено Чешмиче“ се наоѓа куќата на Илија и Филимена Чадиеви, со синот Мичо и снаата Марица како и со нивните синови Илија и Славчо.До нив живеел братот Кочо Чадиев со синовите Љупчо и Бојчо како и ќерката Лилјана. Потоа, следна била куќата на семејството Попчеви, Никола и Родна со синот Илија и ќерката Марионка и до нив Илија и Викторија Попчеви, со синовите Благој и Ангел како и ќерките Стојна и Бранислава. Следна била куќата на Алексо и Рајна Јаневи со синовите Панче и Божидар како и ќерката Надежда. Во редот куќи од другата страна на улицата живеело семејството на Трајко и Стојна Гугутлиеви со синот Јове и ќерките Деса, Родна и Руса, а на крајот, пред широчинката семејството на терзијата Панче и Ката Петрушеви со синот Митко. Спроти нив биле куќите на Борис и Ратка Саздови со синовите Никола и Орце како и ќерките Сузана и Соња, па на Трајче и Марионка Ристови со синот Стојан и ќерката Сузана, до нив на Андо и Пандорка Несторови со ќерките Лилјана и Благојка додека во стрмниот дел на улицата свој дом свиле и Димче и Дивна Левкови со синовите Боре, Киро, Ане и Јосе.
Таму, во овој дел на стар Велес, живееле и на грнчарите Страшо и Донка Дертлиеви со ќерката Благојка, а под нив, веднаш до широчинката, била убавата и голема куќа на Михајло и Пандорка Дерменџиеви со синот Јован и ќерките Руска, Пандорка и Родна. Потоа следни биле Илија и Ленче Цареви со ќерката Слободанка, а на горниот дел од улицата веднаш до фабриката, била убавата куќа на тројцата браќа Левкови. Во неа живееле Алексо и Викторија Левкови со синовите Благој, Левко и Љубе, потоа брат му Петре и Ленче Левкови со синот Тодорче и ќерка Лена, како и најмалиот од браќата Киро Левков со сопругата Дарка.
Исто така во маалото живееле и Пане и Пандора Оркови со синовите Тодорче и Орце, па неговиот брат грнчарот Тодорче со сопругата Ѕвезда и синот Панче додека во центарот на маалото била куќата на Трајко и Павлина Брезеви со синовите Кочо, Коле, Киро и Ѓоре како и ќерката Марионка. На „Солено чешмиче“ биле и куќите на семејството на Тоде и Ефка Ковачеви со синовите Андреја, Трајче познатиот фудбалер по прекарот Зебец и Гластон,потоа на Петар и Цвета Мрсневи со синот Панче и ќерките Катерина и Веска, како и на Петре и Канда Тасеви со синот Ѓоре и на Ангел и Дилба Тасеви со синот Благој и ќерката Марика, во чија куќа имало маалска фурна.
Во стар Велес, на „Солено чешмиче“ живееле и семејствата на Јованче Сребров, на Сотир и Грозда Јованови со синот Љубе и ќеркатана Лилјана, Темо и Марика Мимови со синот Киро и ќерката Васа, потоа Димче Војницалиев со сестрата Софија, па Коста и Тодорка Дервишеви и Мице и Иванка Дервишеви.
Таму во некогашната куќа на Левкови исто така живееле Лазо и Цвета Настови со синовите Панче и Љубе. Во тој дел на маалото се наоѓале и куќите на семејството на Благој Левков и на Пацка Левкова со синот Ане.
Во нивна близина живееле и Добре и Нада Петрушеви со синовите Тоше и Драган, па Цветан Картушев, потоа Петре и Павлина Ангелови со синовите Трајче и Димо и ќерките Благојка и Анѓа, Ангел и Рада Ангелови, Руса Павлева со синот Ѓоре како и Темеле и Гордана Георгиеви со синовите Гојчо, Драган и Гезвето.
Во ова маало живееле и Димко и Цана Георгиеви со ќерката Снежа, потоа Славица Брезева-Филипова, Трајче Брезев, Лазо и Цвета Димови со синот Тодор и ќерката Лилјана, па Ѓорѓи Пунев со синот Боро и ќерката Лила, а до нив биле Чедо и Родна. На влезот во маалото се наоѓа и куќата на Ангел и Нада Сараулеви со синот Тоше и ќерката Коца и куќата на Вера и Мирослав Пауновиќ со мајката Васка како и синовите Стеве, Горан и Драган.
Еве овие стари велешки семејства живееле во стар Велес на „Солено Чешмиче“. Ги забележив со помош на Благој Попчев. Доколку имаме пропуштени семејства читателите можат да ни помогнат со тоа што ќе ни ги пишат јавно на интернет фан пејџот на портал Дума.мк, во скриени пораки или ќе ни ги достават лично.
Стоилко Андреевски