Се гради првата од четирите згради кај „Багремче’
Започната е изградбата на првата, од вкупно четирите станбени згради на улицата „Благој Ѓорев“ над горниот дел на касарната „Алексо Демниевски – Бауман“. Зградата се гради на локација во поранешниот двор на касарната што општината ја доби од министерството за одбрана . Ја гради велешката фирма за подови, ламинати , градежни материјали, гипс картон, малтер и малтерисување , бои и лакови и трговија „Пододекор“ заедно со фирмата „Латарико“ од Скопје.
Инвеститорите рекоа дека досега се изградени подрумските простории со гаражите и е поставена бетонска плоча на првиот кат. Оваа зграда, која ќе зафаќа најголем простор, ќе има пет ката плус приземје со 32 двособни и трособни станови. Првата станбена зграда се планира да биде целосно готова до крајот на годинава за потоа, по нејзиното предавање, да отпочне изградбата на преостанатите две згради. Вкупно во четрите згради ќе бидат изградени 128 станови.
Интересот за купување на становите е голем. Како што информираа инвеститорите поголем дел од становите предвреме се купени за цена од 620 евра за метар квадратен. Продажбата на становите пак што ќе се продаваат кога ќе бидат целосно изградени ќе чини 680 евра за метар квадратен. Продаден е целиот простор на приземјето, наменет за супер маркет. Поради атрактивната местоположба на овој станбен блок, инвеститорите веруваат дека и за останатите станови од другите згради интересот ќе биде голем.
За изградбата на овој стамбен комплекс во Велес решение даде министерството за транспорт и врски. Исто така во овој дел на градот наречен Багремче на парцела, од поранешниот двор на Касарната, во тек е изградба на црква на Епархијата Повардарска./С.А