Фатени рибокрадци на река Бабуна во Велес
Тројца велешани од кои еден полициски службеник се фатени додека незаконски ловеле риба Скобал во река Бабуна. Во координирана акција на полицијата и Државниот инспекторат за земјоделство како и Здружението на спортски риболовци „Бабуна“ , на седми овој месец на лице место се затекнати тројцата рибокрадци во месноста викана „Фојнички мост“.
Тие направиле брана од гранки и трња и на тој начин сакале да ја уловат рибата која е во период на мрестење. Таму полицијата пронашла и патнички автомобил марка „форд ескорт“ и е донесен во полициска станица. Откако настанот целосно ќе биде документиран, Државниот инспекторат за земјоделство ќе поднесе соодветна пријава.
Против полицискиот службеник кој бил фатен заедно со двајцата други рибокрадци, во СВР Велес е започната постапка и во неа е вклучен Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди на МВР.
Инаку во периодов во сила е забрана за ловење риба во реките Вардар, Тополка и Бабуна. Надлежните институции ќе вршат постојани контроли со цел да се спречи појавата на незаконско ловење риба./Д.С