„Ги нема убијците на син ми“, „Мора да се ослободиме“, „Ми ги украдоа гласовите“ велеа велешани кои протестираа со „Протестирам“
Граѓаните поддржувачи на движењето „Протестирам“ и вечерва се собраа кај фонтаната спроти Авона за уште еднаш да тргнат по главната градска улица „Благој Ѓорев“ и да стигнат на плоштад „Сармаале“, во центарот на Велес. Во знак на револт кон актуелната власт по десетти пат пешачеа и ги извикуваа паролите „Шутка не ти бега Никола“, „Мафија на робија“, „Апаши“, „Слобода“, „Ма-ке-до-ни-ја “ и „Поддршка за СЈО“. Во колоната демонстранти пешачеа млади, возрасни па дури и изнемоштени, болни лица. Секој од нив имаше своја причина зошто на ваков начин го користи своето граѓанско право на протест.
„Триесет и едногодишниот син Баже Станоев ми го убија. Пет години поминаа и не ги открија убијците. Ги знаат убијците на мојот син и ги штитат. Нема судство и нема закон во оваа држава. Затоа секоја вечер протестирам, за да излезе правдата на виделина,“ рече неговата мајка Магда Станоева.
„И вечерва сум тука затоа што сакам да си заминат криминалците од власт. И изборите да се одложат затоа што не бидува да има избори без попис. На Македонија не смеат да и се случат уште едни криминални избори. И аболицијата мора да се укине под итно затоа што не можат да се аболицираат криминалци а да гнијат по затворите политички затвореници и новинари. Ова е невидена диктатура, мора да се ослободиме и да живееме во слобода,“ рече еден велешанец од поворката со демонстранти.
Меѓу демонстрантите и вечерва беше поранешниот градоначалник на Велес, Аце Коцевски. На прашањето зошто и дава поддршка на граѓанското движење „Протестирам“ тој одговори:
„Секоја вечер сум тука, со моите сограѓани за да им дадам поддршка на нивната желба конечно во Македонија да тргнат работите на подобро. Меѓу другото сум тука и за украдените гласови во двата последни локални изборни циклуси. Мислам дека една вечер протестот треба да заврши пред зградата на општината за да ги потсетиме велешани на се тоа што власта го правеше на последните два локални избори циклуси, да протестираме пред зградата на полицијата за да потсетиме што се правеа Алфите додека ВМРО ДПМНЕ купуваше гласови од граѓаните Роми и да завршиме пред подрачната единица на министерството за земјоделство поради тоа што вршеа притисок врз земјоделците со закани дека ќе им го одземат земјиштето добиено под концесија, тракторите и субвенциите,“ рече поранешниот градоначалник и кандидат за трет мандат за градоначалник на Велес, Аце Коцевски.
Од „Протестирам“ рекоа дека во Велес за време на викендот нема да се протестира туку протестите ќе продолжат во понеделник на 9 мај, во 18 и 30 часот од пред фонтаната спроти Авона./У.Ј