(Фото) „Дворови“ – велешката населба позната по широки дворови и тесни сокаци (прв дел)
Железничката линија Велес- Гевгелија го дели велешкото маало „Дворови“ на два дела. Тоа е дел од старото јадро на центарот на градот. Еден дел од маалото гравитира кон плоштадот „Сармаале“ во строгиот центар, а другиот дел кон железен мост. Во овој текст пишувам за старите семејства кои живееле и дел од нив сеуште живеат во куќите од десната страна на пругата, поточно од нов мост, денешен „Гемиџии“, па се до железничката рампа кон железниот мост. Овој дел од градот своето име го добил поради големите дворови кои биле составен дел на куќите на богатите бегови и агите кои таму живееле во турско. Од нив староседелците на „Дворови“ ги купиле своите домови, потоа дел од нив ги продале широките дворови во кои се изградиле нови куќи и така се создавала населбата. Карактеристично за овој дел на „Дворови“ е тоа што на едната страна поголем број од куќите излегувале на главната улица, веднаш до дуќаните на занаетчиите додека на другата страна нивните прозорци гледале кон железничката линија.
Забележувањето на старите семејства кои порано живееле во овој дел на стар Велес ќе го започнам од центаротпоточно од плоштадот на чиј горен дел се наоѓала фурната на Тевчеви. На крстосницата на улиците, кои воделе кон населбата „Дворови“ и кон денешната зградата на Судот, прва била куќата на др Димко Нацев со синот Наце и ќерките Бранка и Милка. Тој заминал на работа како лекар во Франција. Неговата лекарска ординација , по ослободувањето најнапред била амбуланта, а потоа во неа било сместено музичкото училиште. До нив било семејството на Илија Пљаков, со ќерката Светла , а до нив пак живеела Родна Емивчиева со синот Коце. До нејзината куќа имало стара разурната куќа и дуќани. Потоа следна во редот била куќата на семејството на Киро Нешов, директор на поштата, со ќерките Соња и Аница. До нив се наоѓала џамија од која денес се останати само темелите, а во ниските куќи живеат Македонци, бегалци од Егејска Македонија. Во овој ред на куќите се наоѓала и куќата на Јован и Фанка Медарови со синовите Коле и Димче. Во таа куќа живеел и братот на Јован, Ангеле со сопругата Зора со синот Панче и ќерката Василка Медарови. До нив живеело семејството на Димче и Јанинка Пљакови со синот Александар и ќерките Ѓурѓа и Нада.
Потоа следна била куќата на семејството на Раде и Грозда со синот Петре, а до нив Петре Чингаров-Калаузаров со синовите Ѓоре и Страшо, па Атанко Киро, со ќерките Маре и Петрана, како и Ѓорѓи Аџитонев со синовите Орце и Киро и ќерките Нада, Марика и Љуба. Тука живееле и Диме и Марија Ацеви со синовите Ордан, Ристо и Трајко како и ќерките Загорка, Милка и Лена , па Тоде Фалабогу со синовите Љубе, Александар и Савета, а до нив имало ширинка на која куќа направиле браќата Трајко, Кочо и Јован Лукарови. До нив била куќата на Перо и Евгенија Р`жарови со синот Кочо, па на Аџипавлина и Пано со синот Трајче, потоа на железничарот Димов со синот Кочо и на бавчаванџијата Ордан Ацев. Ацеви биле двајца браќа кои живееле во „Дворови“.
Исто така на улицата се наоѓала и куќата на Коле, познат велешанец по прекарот Капетанката, со сопругата Лила Босилкови и со синовите, Илија, Јованче и Љупче. Потоа следна била куќата на Илија и Панче Ќурчиеви со синовите Тошо, Ицо и ќерката Васе, а до нив живееле Панче и Славна Ќурчиеви со ќерките Фетка и Виолета. До нив биле браќата кондураџии Јончеви со син Коче и двете ќерки од кои едната се викала Инда. До нив била куќата на Страхил Бобинков со синот Александар и ќерките Сутка и Мира.
Веднаш позади зградата на денешниот Суд била куќата на Васкови во која живеело семејството на академик д-р Илија Васков, познат македонски максиофацијален хирург, со мајката Веса и двајцата браќа. Татко им рано починал и нив ги израснал чичко им Димко. До нив била големата куќа на д-р Богдан и Нада Поп Ѓорчеви со синовите Љубе и Боре а пред нив се наоѓала куќата на Благој и Менка Љуткови со синот Владимир како и на Благој Црното со ќерката Марика. На спротивната, десна страна од јаворот, на плоштад Сармаале, на местото на денешната зграда на УЈП или поранешен СОК како и Народна банка, имало ан и кафеана.
Но кога се изградил овој државен објект на улицата, сегашна „Страшо Пинџур“, првите во редот куќи биле на браќата Пеневи, поточно на Ѓорѓи и Родна со синот Димче и ќерката Лиле и на Иван и Нонка со синот Димче Пенев, некогашен претседател на велешката околија.
Позади нив била куќата на Никола и Марија Вангелови со синовите Благој и Кире, па куќата на Ганчо и Грозда Зарзеви со синовите Ацо, Горе и Тоше. Тука живеел и арабаџијата Шамаднката, Беличот со синот Диме, па браќата Илиеви, Душко и Дане. Веднаш до нив била куќата на Трајко и Лена Галеви со синот Димче и ќерките Нада, Веса и Светла па следел објектот на градската противпожарна служба. Потоа имало поголема широчинка што ја купиле и на него изградиле куќи браќата Ацо, Киро и Панче Николови-Бабулеви. До нивните куќи имало фурна па до неа била куќата на Петре Маџаров, познат велешанец по прекарот Енчо.
Во овој дел од стар Велес куќа имале и Киро Нешов со децата Соња и Аница, потоа велешанката Родна Гаџова со сопругот железничар и ќерките Тања и Марија, па Менче и нејзиниот брат Мико Јарчеви. Во редот куќи од другата страна во овој дел од маалото живееле Илија Депинов со семејството, па Митра Панзова со синовите Никола и Владо. Нивната куќа била до самиот премин преку железничката линија како и куќата на Димче Спасев со ќерките Марионка и Виолета.
На свиокот од денешната улица „Гоце Делчев“ кон улицата „Страшо Пинџур“ се наоѓа куќата во која живееле браќата Киро и Благој Спасеви. Киро имал син Петре, додека Благој не бил женет. До нив, во правец на плоштадот „Саармале“ се наоѓала куќата на првиот книжар и печатар во Велес, Лазар со сопругата Родна Смилеви и синовите Трајко, Тихо и Никифор. До нив живеела Ронче Бондиќова. На местото на нејзината куќа, откако ја купи семејството Ничовски, сега е изградена станбена зграда. На крајот од улицата, до зградата на банката, порано се наоѓала берберница на Крсто Џипунов и на Трајко Јолдашев. Се разбира дека во текстот не се запишани сите семејства кои порано живееле во овој дел на стар Велес. Но, редакцијата на порталот Дума е расположена за соработка што би се состоела од информации и фотографии на кои се насликани личности, куќи и делови од маалото во стар Велес.
Стоилко Андреевски