На ниска откупна цена се жалат велешките производители на јачмен и пченица
Не само што нема кој да им го откупи туку и оние малкуте откупувачи им нудат екстремно ниска цена за килограм јачмен и пченица на велешките земјоделци. Ако досега килограм јачмен го откупуваа по 8,5 денари сега цената е намалена на 8 денари, а до каде ќе оди намалувањето никој не знае. За земјоделците исплатата за родот е уште поголем проблем. Тие дури не се осудуваат да ги прашаат откупувачите кога ќе им ги дадат парите за житните култури.
„И годинава се соочуваме со истиот проблем. Јачменот и пченицата родија и преродија. Од хектар собираме и по четири илјади килограми. Компаниите Агриа и Сокол се единствени што откупуваат но по многу ниска цена. Под јачмен јас имам 500 хектари а под пченица 120. Досега ми е предаден само една четвртина од родот на јачменот а пченицата се уште не сум почнал да ја жнеам“, рече Ивица Стојчев, од Иванковци.
„Најпрво јачменот ни го откупуваа по 8,5 денари а сега цената за килограм ја намалија на осум денари. Половината од родот го предадов додека другата стои во амбари и чека купувачи. Ако до минатата година имаше сточари кои ни го откупуваа јачменот сега ни тие ги нема. За цена не прашуваме оти се плашиме дека нема да ни го земат родот. Ни велат дека до нова година ќе ги добиеме парите. За пченицата пак никој не се интересира, по се изгледа таа наместо за производтсво на леб ќе заврши како добиточна храна и тоа по цена од осум денари за килогра“, рече Дуле Митиќ, од Иванковци.
Годинава во велешко под пченица и јачмен се посеани над седум илјади хектари од кои три илјади под лебно жито. Само во реонот на Иванковци под житарица се посеани над илјада и сто хектари од кои седумстотини се под јачмен.
Стоилко Андреевски