АРМ доби нови војници – доброволци!
Гордост и радост бликаше на лицата на вкупно 281 војник, доброволец кои во петокот дадоа свечена заклетва во велешката касарна „Алексо Демниевски – Бауман“. Меѓу построените беше и дваесет годишниот скопјанец Вељон Јакупи. Тој одлучил да ја следи семејната традиција.
„Мојот татко долго време е во униформа и јас сакав да продолжам по неговите стапки. Меѓутоа од се најдобро тука е што има добро дружење, има луѓе од цела Македонија и нема разлика по вера и по националност“, рече Јакупи.
На тоа што синот успешно ја поминал едномесечната обука горд е и таткото на Вељон.
„Чест ми е и голема гордост што мојот син е тука и што е доволно зред да биде бранител на својата татковина“, рече таткото на Вељон.
Но зад момчињата не заостануваа и девојките кои ги има дваесет, во оваа класа. Александра Јанева од Скопје завршила новинарство, но сепак иднината ја гледа во професионалната војска.
„Од мала имав желба, ми се допаѓа униформата која ја носи армијата и сите бенифиции кои следат со нејзе. Чест ми е што сум жена, бидејќи сум горда што во оваа класа има многу девојки иако тоа не е честа пракса“, рече Јанева.
Дека сите се еднакви во армијата, им порача и министерот за одбрана Фатмир Бесими, притоа мислејќи на етничката еднаквост. На свечената заклетва во касарната тој на војниците им рече дека без разлика на националноста максимално треба да се трудат во своите кариери бидејќи АРМ во нив гледа професионални војници.
„Било да сте македонци, албанци, срби, турци, власи, роми, сите вие имате одлична можност после оваа обука да излезете од тука со нови вредности кои можете да ги споделите со најблиските и вашите пријатели“, рече Бесими.
Инаку ова е седумнаесетта класа на доброволни војници кои одслужуваат воен рок во Велес. Тие во наредните три месеци ќе се обучуваат и речиси сите се надеваат дека ќе станат дел од професионалната македонска војска. Свеченоста беше повод со нив радоста да ја споделат најблиските, родителите, сопругите и децата.