Лила Арсова, Весна Христовска и Томислав Иванов прогласени за најдобри просветни работници!
По повод празникот на просветителите Општина Велес ги награди најзаслужните наставници во три категории.
Одделенската наставничка Лила Арсова од основното училиште „Рајко Жинзифов“ во Долно Оризари и професорите Весна Христовска од основното училиште Стојан Бурчевски Буридан во Иванковци и Томислав Иванов од ССОУ Коле Неделковски ги добија овогодинешните признанија за најдобри просветни работници во изминатата школска година. Оптшина Велес им ги додели признанијата како најзаслужни во три категории, одделенска настава, предметна настава и во средно образование.
„Благородна работа е да се биде наставник но истовремено и многу одговорна, затоа што ние сме кај најмладата популација а децата се во период кога се оформуваат како личности. Поради тоа сметам дека обврската ни е многу голема за формирање на нивните мали личности во зрели личности“, рече Лила Арсова, одделенски наставник.
„ Голема чест е да се добие ова признание, но не би го имала без поддршката од колегите и директорката, но најмногу од учениците кои беа истрајни и издржливи и успеаја да постигнат се што си планиравме“, рече Весна Христовска, предметен професор.
„Ова е голема чест за мене и преставува валоризација на целиот мој труд и ангажман, но и поттик и обврска за понатамошна успешна работа, а без поддршката од колегите немаше да го постигнам“, рече Томислав Иванов, предметен професор.
Инаку на свеченоста по повод празникот посветен на словенските просветители Св.Кирил и Методија градоначалникот Славчо Чадиев им порача на велешките наставници дека со секое навраќање на 24 ти Мај кај македонецот се разгорува силно чувството за припадност, а општината се гордее токму со нив бидејќи се оние кои одржуваат македонскиот јазик и култура. Им порача дека нивните напори и поддршка се непроценливи и дека со нивното внимание, личното професионално знаење и умеење секојдневно го постигнуваат крајниот резултат а тоа е оптимално образование./Б.Н.