Поранешните работници бараат откријте го виновникот за пропаѓањето на „Киро Ќучук“ !
Да се одложи рочиштето за стечајот на велешката тулана Киро Ќучук, побара денеска од судот стечајниот управник Ацо Петров. Објасни дека списоците со доверителите и побарувањата се готови, но сите не можат да ги добијат поради недостиг на податоци за адресите. На одолговлекувањето негодуваа дел од присутните доверители, кои веќе поднеле приговори до судот.
Поранешните вработени пак реагираа бидејќи стравуваат дека ништо нема да остане за нив и се сомневаат дека се вредно од комбинатот е однесено.
„Нема никогаш да си ги наплатиме бидејќи како прв доверител се јавува државата, а зошто таа дозволи да се упропсати фирмата и тоа од генералниот директор. Како доверители се јавуваат неколку нејзини институции, а не ми е јасно зошто кога тие се најодговорни. Ние треба да си ги вратиме парите оти стигнавме да земаме социјална помош“, рече поранешен вработен во фабриката.
Поранешните вработени побараа институциите да го откријат виновникот за пропаѓањето на фабриката која во минатото работеше рентабилно, а во последните неколку години падна во огромни долгови.
„Се надеваме да ни ги исплатат побарувањата се надеваме на институциите дека ќе покренат постапка за сите кои дозволија да дојде фабриката до ова што е сега. Јас во 2008 година бев отпуштен со уште 12 луѓе оти си ги побарувавме платите и организиравме штрајк, имам пресуди во моја корист но не верувам во ништо. Треба да се реши овој проблем и требаше уште многу порано тоа да е случи“ , рече работник.
Според вработените сеуште има надеж за Киро Ќучук бидејќи велат дека има заинтересирана фирма да работи со фабриката, но за да се случи тоа стечајот мора да се забрза. И покрај негодувањата судијата го прифати предлогот на стечајниот управник и следното рочиште го закажа во септември по завршувањето на одморите. Инаку до сега се пријавиле 780 доверители со вкупни побарувања од повеќе од 10 милјони евра./Б.Н.