Процесот на судијата Танев пак на почеток
Одново на обвинителна клупа ќе седнат и обвинетите од петнаесетина предмети кои имаат изречено пресуда или се чекало само на преусата, но Илија Танев не успеал да ја потпише.
Оваа информација за Дума.мк ја потврди претседателот на велешкиот суд Јордан Лазаров. Веднаш по притворањето на кривичниот судија во велешкиот суд Илија Танев, претседателот побарал мислење од Републичкиот судски совет, Апелациониот и Врховниот суд за тоа што ќе се случи со предметите на Танев, но одговор не добил. Сепак вели дека законот за кривична постапка иако не пропишал што точно треба да се случи со предметите на судиите кои ќе бидат отстранети од функцијата, или спречени да продолжат поради болест или смрт, остава простор претседателот на матичниот суд да пресече. По ова тој одлучил дека сите судења кои Танев ги завршил но не ја објавил пресудата или ја објавил, но не го ставил својот потпис ќе почнат од почеток, а според Лазаров такви се петнаесетина. Но, и сите останати започнати предмети на судијата се распределени на останатите кривичари во велешкиот суд и тие ќе започнат од почеток.
Инаку денеска навршија триесет дена од приведувањето на обвинетите во акцијата Ликвидација. На сите И.Т. (52), судија во Основниот суд Велес и претседател на Кривичен совет, Б.Н. (72), поранешен судија,Томислав Кежаровски (48), поранешен главен уредник на списанието “Репортер 92”, Ј.П. (46), лице познато од скопското подземје, како и против В.З. (50), поранешен истражен судија при Основниот суд Велес, И.Е. (51), јавен обвинител во ОЈО Велес, С.Л. (50), адвокат од Велес, и С.Џ.Х. (42) денеска им е продолжен притворот за нови триесет дена. Во решението истражниот судија напишал дека донел ваква одлука бидејќи осомничените за монтирање на три судски процеси меѓу кои и платеното убиство на старец од селото Ореше можеле да побегнат или да влијаат на сведоци во истражната постапка./Б.Н.