Општината вработува службеници!
Со двајца урбанисти, двајца градежници за комунална инфраструктура, еден проценувач на недвижен имот, еден овластен градежен инспектор и еден комунален редар ќе се зајакнува општинската администрација во Велес.
Локалната власт распиша оглас за прием на работа на вкупно шест лица со високо и едно лице со средно образование.
Според објавениот оглас на интернет страната на Агенцијата за администрација кандидатите кои ќе бидат примени на работа, треба да имаат завршено архитектонски или градежен факултет освен за работното место советник проценувач за недвижен имот каде факултетот за правни науки е даден како алтернатива.
Сите треба да имаат работно искуство од 3 до 5 години. Огласот за прием на работа е отворен пет дена а избраните кандидати ќе добиваат нето плата од 24 илјади и 49 денари.
Само комуналниот редар треба да има завршено средно образование. И тој треба да знае да работи на компјутер и да има 3 годишно искуство за што ќе добива нето плата од 15 илјади и 79 денари./Б.Н