Се затвора амбулантата на д-р Демир Мемедалиев!
Иако неговата ќерка сака да го продолжи семејниот бизнис, новиот закон за здравствена заштита пропишал дека фирмата мора да се затвори, а таа да конкурира за амбулантата на татко и рамноправо со останатите заинтересирани лекари.
Три илјади пациенти од Велес треба да си бараат нов матичен лекар оти нивниот заминува во пензија, а приватната амбуланта треба да се затвори. Еден од најстарите лекари во градот вели дека има кој да го продолжи неговиот фамилијарен бизнис во кој вложувал речиси две децении, но со новите измени на законот за здравствена заштита тоа не е дозволено. Поради ова без работа останува и неговата ќерка која е докторка во амбулантата и двете сестри кои работат таму.
„Лично мене ако ме прашувате, мене најмногу ми одговараше ќеркава да остане да си работи тука, персоналот да си го плаќавме и киријата, ќе вработевме уште еден лекар на мое место и нему се ќе му плаќавме плата и ќе му ги префрлевме пациентите и со тоа и пациентите ќе си останеа тука и ќе беа задоволни. Така ќе течеше работата, но тоа е“, рече Демр Мемедалиев, матичен лекар.
Токму оваа одредба од законот веќе ја критикуваа од Здружението на приватни лекари на Македонија. Велат дека државата не смее да се меша во приватните фирми што е и со устав загарантирано право, но со измените на законот токму тоа се случува бидејќи по заминување во пензија лекарот не смее да ја остави во наследство фирмата туку мора да ја затвори. Велат дека Мемедалиев е само еден од примерите кои ќе биде жртва на овој неуставен закон. Од здравствените институции пак велат дека ќе се распише конкурс за испразнетата амбуланта, а на него може да конкурира и докторката која ќе остане без работа. Но законот не и дава предност пред останатите заинтересирани лекари, вели Мемедалиев.
„Таа лицитација колку ќе трае не се знае, можеби ќе има тендер, јавно наддавање и сето тоа ќе потрае, а ние не знаеме што во меѓувреме би правеле со пациентите. Сепак мора да ги известиме дека нема да имаат лекар. А таа ќе треба да почне од нула бидејќи со тоа ќе се избришат сите наши пациенти од евиденција. Никој нас нема да не чека“, рече Мемедалиев.
Министерството ги правдаше новите измени на законот во делот на приватното здравство со тоа дека не треба да се создаваат фамилијарни империи во здравствениот систем. Засегнатите лекари пак велат дека сепак се работи за лична работа која државата не треба да ја контролира./Б.Н.