Следбениците на Гемиџиите, по Вардар, стигнаа до Гевгелија!
Стотината следбеници на велешките гемиџии ја завршија четиридневната авантура пловејќи по Вардар од Велес до Гевгелија. Рамо до рамо со младите учесници беше и деведест годишниот доктор Никола Стојанов кому годините не му беа пречка да плови и логорува крај реката.
„Се чувствував способен за да издржам, ловџија сум и мислм дека имам кондиција за едно вакво доживување. Поради ова се пријави да участвувам иако не ми е прв пат туку трет пат. Ми помагаа помладите се однесуваа многу љубезно со мене и сум презадоолен од тоа како си поминавме“, рече Стојанов.
Дупнати чамци, невреме и ветер од спротиен правец биле дел од патувањето на учесниците на петнаесеттата по ред регата.
„Уште на самиот старт имавме незгода кога сите пропаднавме во вода, а едната страна од чамецот ни се дупна, па дури и со тако успеавме да ја поминеме патеката и сметам дека тоа е голем успех за нас. Навистина беше напорно, но издржавме“, рече Ристе Најдов, навивачка група Гемиџии.
„Многу беше интересно особено на местата каде има брзаци или по наше кажано сулини. Ова ќе го паметиме долго и се надевам дека ќе биде дел од нашата обука во иднина“, рече Анѓел Станболџиев, постар водник.
Но и покрај ова за среќа никој не се повредил и се поминало во најдобар ред, а доброволците од црвениот крст не морале да интервенираат.
„Ние бевме одговорни за да интервенираме во случај на незгода, но и покрај опасните места се помина во најдобар ред“, рече Александра Стојковски, Црвен Крст.
Во четвртокот десетина чамци и една гемија запловија од Велес за денес после поминати 140 километри да пристигнат во Гевгелија. Ги пречека градоначалникот кој исто како и неговиот колега од Велес посака до година да се најде на гемијата и тој да биде дел од пловидбата. Инаку регатата се организира во чест на велешките трговци кои во минатото со сплавови превезувале стока од Велес до Солун./Б.Н.