Приватни лекари со поплаки за македонското електронското здравство!
Претседателката на здружението на приватни лекари Лилија Чолакова Дервишова ги пренесе ставовите на Управен одбор според кои програмерите не ги усогласиле електронските системи на здравствените институции за издавање на електронските рецепти и упати.
– Дојдовме до заклучокот дека програмерските куќи сеуште софтверски не се усогласени со системот на министерството за здравство поради што се случи и пад на македонскиот здравствен систем каде докторите не знаеја како да работат, аптеките не можеа да издаваат лекови а осигурениците не знаеја како да си подигнат лек иако со години плаќаат во здравствениот систем, рече Чолакова Дервишова.
Во име на Здружението упати апел за разбирање до сите чинители во здравствениот систем, до аптеките кои во моментот поради немање на кодови на рецептите не можат да издаваат лекови, до пациентите да бидат трпеливи но и до министерството за здравството кое требало да има разбирање за техничките проблеми на лекарите.
Чолакова Дервишова побара новиот здравствен електронски систем за време на летниот период да биде пробен односно пилот-проект се додека не се добие потребното техничко упатство кое ќе помогне да не паѓа системот како денеска.
– Електронските упати и рецепти ќе ги издаваат матичните лекари но истите треба да се изгенерираат и во софтверот на министерството за здравство и тука се јавува проблемот што нема усогласеност во софтверите па затоа апелираме се додека не се среди ситуацијата да нема ниту казни ниту санкции, истакна Чолакова Дервишова.
Досега биле спроведени обуки на медицинскиот персонал на терцијално и секундарно здравство но Чолакова потенцираше дека пожелно било за време на летниот период да се извршат основни обуки кои ќе бидат спроведувани во градовите заедно со контролорите од здравствените фондови./Б.Н