Офицерски стана имот на градот!
Култниот објект, во кои многу велешани со децении го пиеја утринското кафе и разговараа, играа шах или табла, стана имот на градот. Министерството за одбрана се откажа од сопственоста над објектот а Владата донесе одлука да и го даде на трајно користење на општината.
– Офицерски ќе се реновира и преадаптира во Градска куќа. Така градот ќе добие една репрезентативна куќа за што се подготвува проект од страна на архитектите. ЈКП Дервен ќе биде задолжен за уредување на целиот простор и за дворот. Со пари на општината ќе почне реконструкцијата на објектот и фасадата. Според планот, приземјето ќе се реконструира во сала за венчавање а на катот ќе направиме простор за средби на градоначалникот и пратениците. Се ќе се вклопи во една целина, заедно со новата зграда на театарот, Младински парк и црквата во изградба – рече градоначалникот Славчо Чадиев.
Градската куќа ќе го има централното место и се околу неа ќе биде отворен простор со ново хортикултурно решение. Тоа значи дека ќе се урне оградниот ѕид за да се отвори просторот. Ќе се исечат старите дрвја во дворот кои преставуваат опасност за граѓаните и околните куќи и ќе се посадат нови, вети Чадиев.
– На местото на трите дрвја на патот, кои исто така ќе бидат исечени, ќе набавиме нови, веќе израснати кои ќе ги засадиме на дупките во тротоарот. Засега немаме финансиска конструкција за проектот но набрзо ќе ја направиме штом ги добиеме клучевите, влеземе внатре и ги направиме потребните мерења на просторот поточно површината, рече Чадиев.
Општината планира проектот да биде готов до крајот на август. Ќе го стави на јавен увид на граѓаните кој ќе можат да дадат забелешки и предлози за потоа да започне со поправките на објектот и уредувањето на просторот. Тогаш ќе биде соопштено колку време ќе биде потребно Офицерски да стане Градска куќа.
Претходно објектот и дворот беа најомиленото место на велешани затоа што во него работеше ресторан. Со него стопанисуваа угостители. Првиот го доби пред една деценија па го даде под наем но затоа што не плаќал наемина го изгуби во судски спор со министерството за одбрана. Сега кога заврши судскиот процес со одлука на Владата Офицерски и е даден на општина Велес./Б.Н