Наместо кај семејството и по 47 години Плакетата за заслуги на Панко Брашнаров сеуште стои во Народниот музеј
Историското минато на Велес е проткаено со многу настани. По многу децении од нив се уште има фотографии, документи и сведоштва , кои се непознати на јавноста и за кои треба да се проговори за да се обелоденат.На големиот историски втор Илинден, потребно е велешката па и пошироката јавност да знае за документи и фотографии поврзани со празникот и секако со големиот Панко Брашнаров, учесникот на двата Илиндена и човекот кој го отвори Првото заседание на АСНОМ во манстирот „Св.Прохор Пчински“.
Истражувачот Љупчо Данов, ни испрати фотографии и документи според кои на 2 август 1969 година на фамилијата Брашнаров требало на свечен начин да и биде предадена спомен плакета , по повод 25 годишнината од заседанието на АСНОМ . Меѓутоа, зошто и кој наредил оваа плакета да не им биде предадена засега не само што не се знае туку и сеуште е тајна. На плакетата јасно се гледа дека таа му припаѓа на Панко Брашнар. На задната страна на плакетата, стои потпис на тогашниот претседател на Собранието на Социјалистичка Република Македонија, Никола Минчев. Плакетата требало да им биде предадена истата година на свечена седница на Собранието на Општина Титов Велес на 9 ноември, денот на ослободување на градот.. Но наместо на семејството плакетата завршила во документацијата на Народниот музеј во Велес. Зошто!?
На виделина оваа спомен плакета излезе дури на одбележувањето на 65-годишнина од смртта на Панко Брашнар. Со помош на кустосот во Народниот музеј во Велес ,Марин Клифов , решивме сето ова да го обелодениме бидејќи сметавме дека со доделување на званичното признание од страна на државна институција всушност ќе се поттикне чинот на рехабилитација на човекот кој со своите дела го задолжи Велес и Република Македонија.
Вистината треба да излезе на виделина. Денес оригиналната Плакета се чува во Народниот музеј во Велес.
Покрај плакетата за прв пат пред јавноста објавуваме и две фотографии кои се стари и се поврзани со Брашнаров и АСНОМ.
На првата фотографија, која е изворно преземена од досието што се водело за Брашнаров, и се однесува на негов говор на митинг во село Фојница. На левата страна се гледаат дупките од класерот во кој стоела, како и црната линија која постои на оригиналот, а е повлечен со црн фломастер.
На втората фотографија е оригинална снимка на пратечката партизанска чета која го обезбедувала Манастирот за време на Првото заседание на АСНОМ.
За да не се заборави . Панко Брашнар е роден 1883 година во Велес. Целиот свој живот го посветил за слобода на македонскиот народ. Панко, борецот и учителот бил македонски комунист, член на првиот Централен комитет на ВМРО-Обединета, партизан и претседател на Президиумот на АСНОМ. Поради поддржување на резулуцијата на Инфорбирото тогашните власти го затвориле и испратиле во зогласниот затвор Голи Оток. Старото тело на големиот син на македонскиот народ не можело да ги издржи тешките тортури. Тој починал на 13 јуни во 1951 година. Потоа неговите посмртни останки се пренесени во Загреб и се закопани во заедничка гробница на градските гробишта Мирогој.
До денеска Панко Брашнаров не е рехабилитиран. И покрај ветувањата неговите посмртни останки не се пренесени во Македонија.
Стоилко Андреевски