По 10 години нова опрема за интерното одделение во велешката болница
Ултразвучен ехо апарат, холтери за срце и притисок, и апарат за стрес тест. Ова е новата опрема која интерното одделение ја доби после десетина години. Сега пациентите со кардиоваскуларни и други интернистички заболувања, наместо во приватните ординации, ќе можат да се прегледуваат во болницата, каде со помош на овие апарати ќе добијат сто процентна дијагнпоза, соодветна терапија и болничко лекување.
– Битна беше брзата дијагностика која досега ни фалеше. За таа цел пациентите кои доаѓаат во болницата наместо да одат во приватни амбуланти или во Скопје или пак во болницата во Јасеново сега ќе можат да се прегледуваат тука, каде ќе им бидат воспоставени сите интернистички дијагнози, рече др. Атанас Василев, директор на болницата.
Интернистите веќе се остручени за работа со овие апарати преку разни обуки и едукации во земјава и странство. Освен интерното одделение, со нов апарат е опремена и кожната амбуланта. Со дерматоскопот ќе може да се дијагностицира секоја промена на кожатата кај пациентите.
– Со помош на овој апарат ќе можеме да ги зголемиме до многу пати кожните пшромени, пред се диференцијално да ги дијагностицираме бенигните од малигните заболувања, за да може навреме да се фати во најран стадиум кога се уште може да се лекува, рече др. Деспина Зоксимоска, дерматовенеролог.
Сега пациентите ќе можат на едно место да ги добијат сите услуги во интерното одделение во велешката болница. Целата опрема чини околу триесет илјади евра./Д.С