Жители од Прцорек тврдат дека висок напон на струја им ги изгоре електричните апарати

Објавено на 23 јуни, 2014 во 13:28

Прегорени телевизори, телефони, апарати за домаќинство. Ова е резултатот од дефектот на електричната енергија на бандерите на улиците „Богдан Каракостев“ и „ Ѓорѓи Димитров“ во велешката населба Прцорек.

Над педесетина семејства од овој дел на градот претрпеле штета откако во саботата попладнето, како што велат, висок напон на струја им ги прегорел електричните уреди. Наеднаш слушнале пукање а веднаш потоа и топење на електричните кабли. Иако навреме изреагирале и ги исклучиле од струја, штетата веќе била направена. Освен со прегорени електро уреди, останале и четири часа без струја.

 

„Како што си гледав телевизија, наеднаш нешто пукна, мислев тапани чукаат, кога одма после тоа, пукна фрижидерот и се стрчав да ги исклучам и другите апарати, ама ништо веќе беше доцна, се прегоре,“ рече Ѓулизер Демирова.

„Се е изгорено. Среќа што бевме дома, инаку и куќите ќе изгореа. Кога почна се да чури исклучивме од струја ама џабе. Неможе на една бандера триста жици да бидат приклучени,“ рече Киро Тонев.

Овие граѓани кој живеат на Прцорек  денеска ги пријавиле штетите во велешката подружница на ЕВН.  Од таму им рекле дека ќе направат записник и ќе испратат комисија за проценка на штети.

„Пријавив утрово, ама не се надевам дека ќе бидам обештетен. Во нашава држава правда нема, кој ќе го снајде ќе си трпи. Сега да ги поправам телевизорот и останатите апарати ќе ме чини многу, а кој ќе ми го плати мене тоа,“ рече Ицо Анѓеловски.

„Пријавив и ми рекоа ќе правеле записник и откако сервисот ќе ми ги поправи апаратите да сум ја однела фискалната сметка,“ рече Вера Бошевска.

И покрај нашите обиди не успеавме да добиеме став од ЕВН. Инаку оштетените граѓани велат дека ако ЕВН не им ги покрие трошоците за штетите, ќе поднесат тужби./Д.С

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.