Чист понеделник на Мегдан, традиционално скоро еден век
Четириесет килограми грав растриен со исто толку суви црвени пиперки подготви велешанецот Тодор Иванов денеска во месноста Мегдан. Не ја откри мајсторијата но, белиот посен грав онака од око изгледаше вкусен во тенџерето кое неколку часа претходно се вареше на ајварското ќумбе. Традиционалното одбележување на чист понеделник и годинава беше повод за поставените маси и клупи на улицата на која живеат жителите во овој дел на градот, под соборниот храм „Свети Пантелејмон“. Тие се домаќини секогаш подготвени да ги пречекаат добронамерните гости од Велес и од државата.
„Белиот посен грав е подготвен според рецептот на велешките чивчии кои произведувале зеленчук и носеле се што е потребно за подготовка. Јас паметам како тоа изгледаше пред седумдесет години. Тие дури и не го лупеа кромидот туку добро измиен го ставаа да се вари заедно со гравот и црвените чушки. Потоа се добро се растриваше и се додаваа уште некој мирудии. Без зејтин е подготвен денешниот грав и видете колку е убав а ако пробате ќе знаете и колку е вкусен,“ рече Иванов.
Последните подготовки околу поставувањето на посната трпезата ги привршуваше годинешниот домаќин на собирот за чист понеделник, Александар Ристов. Тој има триесет и две години, живее во едно од маалата на Мегдан и вели дека се поголем број на млади граѓани сакаат да бидат домаќини на одбележувањето.
„Очекувам најмалку осумдесет гости. Гравчето е подготвено и посните салати се готови. Ги чекаме свештениците а потоа штом отпеат и благословат ќе седнеме на трпезата и ќе прославиме. Сум се родил на Мегдан, тука живеам и знам што овој празник значи за моите соседи. Тој го симболизира почетокот на велигденските пости и прочистувањето на човечкиот организам. За празникот се интересираат голем број на млади луѓе и се надевам дека домаќин наредната година ќе биде уште помлад, според годините, од мене,“ рече Ристов.
Неговиот татко Ѓорги вели дека ова е убава стара традиција на Мегданци која се пренесува од генерација на генерација. Тој бил пред неколку години а годинава домачин е неговиот син.
„Јас го паметам велешанецот Ѓорги Гајдов – Б` шкето како го приготвуваше посниот бел или растриен грав. Ви зборувам за тоа што на овој ден се случувало на Мегдан пред половина век. Ако ги прашате постарите тие ќе ви зборуваат за одбележување што на чист понеделник се случило пред седум децении, кој се дошол и како поминало празнувањето. И пред нив нашите дедовци празнувале. Така се создавала традицијата за која сум слушал дека е стара ама колку точно години не можам да кажам. Во еден период се прекинала и еве сега повторно се организира,“ рече Ѓорги.
Негов гостин денеска беше Ѓорги Дебрлиев, роден велешанец, кој заедно со сопругата Лилјана со години на чист понеделник дојаѓаат од Скопје.
„Тука сум роден и со години на овој ден доаѓам од Скопје за да се видам со старите Мегданчани, да ја видам мојата родна куќа, да уживам, да ги наполнам батериите бидејќи штом ги видам луѓето со кои сум растел се полнам со позитивна енергија. Ме радува што гледам нови ликови на млади деца и тоа ми дава за право да речам знам дека овој ден вечно ќе живее,“ рече Дебрлиев.
Мегданчани се гордеат со фотографиите кои останале да сведочат за одбележувањето на празникот. На една од нив се овековечени постарите жители од овој дел на Велес токму на овој ден.
И денеска низ Мегдан се слушаа убавите звуци на староградската песна. Организаторите мислеле на се па дури и на музиката што заедно со добрата велешка ракија и традиционалните мезиња ќе придонесат за уште едно заедничко дружење во чест на верскиот празник./У.Ј