Здружението на приватни лекари на Македонија не ја поддржува оставката на Парнарџиева Змејкова
Додека граѓаните револтирани од смртта на деветгодишната Тамара од Велес протестираат пред министерството за здравство и бараат неотповиклива оставка од министерот Никола Тодоров, директорката на Фондот за здравствено осигурување Маја Парнарџиева Змејкова која исто така беше повикана од граѓаните и семејството на Тамара си даде оставка. Веднаш по неа од функцијата се повлече и вториот директор на Фондот Џемали Мехази. И двајцата си дале оставки од лични и морални причини.
Со ваквата одлука на директорката на Фондот не се согласува Здружението на приватни лекари на Македонија. Од таму велат дека со нејзиното повлекување од функцијата ќе настанат сериозни последици по примарното и приватното здравство. Претседателката на Здружението д-р Лили Чолакова Дервишова смета дека таа не смее да биде жртва на еден системски пропуст.
„Директорката и нејзиниот тим се луѓето кои секогаш го почитувале овој ресор и кажале дека матичните лекари се столбот на здравствениот систем. Сите оние визии кои заедно сме ги поставиле и направиле да бидат реалност, тие постојат, се суштински и функционираат во нашиот здравствен систем. Ние како лекарска фела имаме договорено уште многу проекти и преговори кои не се завршени и мислам дека оставката ќе придонесе до негативни и тектонски пореметувања во нашите меѓусебни односи, рече д-р Чолакова Дервишова.
Во меѓувреме стигна и резултатот од направената обдукција според кој Тамара починало од бронхопневмонија. Ваква дијагноза констатирале и лекарите од итната медицинска служба кога девојчето веќе мртво било донесено таму. Според д-р Чолакова, Тамара со месеци наназад не била однесена на преглед кај матичната лекарка.
„Последен пат мајката на Тамара отишла кај матичната лекарка во август лани и тоа да земе упат. Затоа апелирам да се покрене свеста кај родителите да не ги лекуваат дома своите болни деца туку тоа да да им го остават на професионалците“, рече д-р Чолакова.
Инаку сколиозата кај деветгодишната Тамара беше откриена уште пред три години. Болеста прогресираше и доведе до искривување на рбетот дури до 80 проценти и на девојчето му се закануваше траен инвалидитет. Нејзините родители исто толку време очајно бараа помош од надлежните институции, да дозволат детето да се опрерира во странство на сметка на државата. Во тоа успеаја, но премногу касно. Решението од Фондот со кое се одобри операцијата во странство, во куќата на нејзините родители, стигна три дена по нејзината смрт./Д.С