Жаклина Димовска: Не е точно дека не сум ја однела Тамара на преглед
Навредена и разочарана е Жаклина Димовска, мајката на деветгодишното девојче кое почина пред три недели во Велес. Таа денеска остро реагира на вчерашните информации од прес конференцијата на претседателката на Здружението на приватни лекари, д-р Лили Чолакова Дервишова објавени на Дума.мк во кои беше изнесено дека девојчето со месеци наназад не било однесено кај матичната лекарка. Според д-р Чолакова Дервишова мајката последен пат побарала само упат во август, минатата година.
„ Секогаш кога имаше потреба јас ја носев Тамара на лекар. Како можат тоа да го кажуваат па јас сум мајка и секако дека се грижев за неа. Д-р Чолакова Дервишова не е беше матичен лекар но јас заедно со пријател на докторката ја однесов и кај неа. Тогаш таа ја прегледа и ми рече дека детето треба да се лекува но за жал не кај неа туку на други места, кај други специјалисти. Зошто докторката тоа не го кажа. Зошто последните месеци не сум ја носела на преглед кај матичен лекар? Па немаше потреба од матичен лекар туку од специјалисти,“ рече Димовска.
Жаклина вели дека не ги признава резултатите од обдукцијата на Тамара и се сомнева дека починала од бронхопневмонија. Таа денеска поднела барање да го добие обдукцискиот наод и во исто време соопштила дека ги сака материјалите за да ги испрати на повторна анализа. Во исто време мајката на деветгодишната Тамара, која боледуваше од сколиоза и почина пред три недели, се обидува да ја спаси и нејзината помала керка Теона која боледува од срце и и е потребна операција./У.Ј