По која цена ќе наддаваат и за колкав месечен надомест се издава деловниот простор во поранешната синдикална зграда
Три дуќани и две канцеларии во приземјето, шест на први кат, седум на втори и единаесет деловни простории на трети кат во поранешната синдикална зграда се издаваат под закуп од страна на општината. Сите ќе треба да добијат закупувачи на јавно електронско наддавање што е објавено на веб страната на општината, што ќе се случи на 13 март, годинава. Во дел од овие канцеларии се сместени Регионалниот Синдикат на ССМ, Социјалистичката партија и СДСМ. И тие ќе треба јавно да наддаваат бидејќи сега објектот, во центарот на градот, од синдикален премина во имот на општината.
Најголемиот дуќан на приземјето е со површина од 45 метри квадратни и ќе се издава со почетна цена од 1080 денари, а месечниот надомест за него ќе изнесува околу 350 евра. Почетната цена за четири метри квадратни помалиот дуќан е 984 денари а месечниот надомест ќе изнесува околу 325 евра. Третиот дуќан е со површина од 20 метри квадратни. Тој ќе се издава со почетна цена од 184 денари и месечен надомест од околу 60 евра. Двете деловни простории на приземјето од зградата се со површина од 9 и 18 метри квадратни. Почетната цена за помалата просторија е 117 денари или месечниот надомест изнесува околу 40 евра, додека за поголемата просторија од 18 метри почетната цена е 234 денари или месечен надомест од близу 75 евра.
Најголемата канцеларија на првиот кат е со површина од 31 метар квадратен и на електронското јавно наддавање ќе се издава со почетна цена од 403 денари или месечниот надомест за неа е околу 135 евра. Најмалата просторија е девет метри квадратни и за неа почетната цена ќе изнесува 117 денари а месечната кирија близу 40 евра. Во дел од овие простории се наоѓаат службените простории на Социјалистичката партија во Велес
Почетните цени за издавање и месечните надоместоци се нешто пониски за деловните простории на вториот и третиот кат. Тоа е просторот во кој е сместен Регионалниот синдикален совет на ССМ. Канцеларијата со површина од 42 метри квадратни ќе се издава со почетна цена од 462 денари и за неа месечниот надомест ќе изнесува 155 евра. Почетната цена за најмалата просторија од само 9 метри квадратни ќе биде 99 денари, а месечниот надомест околу 33 евра.
Цените за месечен надомест се најниски за деловните простории на третиот кат. Таму најзгора, во дел од нив е сместена општинската организација на политичката партија СДСМ. Најмалите две простории од по 3 метри квадратни ќе се издаваат со почетна цена од 29 денари и за неа киријата ќе изнесува нешто помалку од десетина евра. За најпространата канцеларија со површина од 48 метри квадратни почетната цена на електронското наддавање ќе изнесува 456 денари или месечен надомест од 150 евра. /Д.С