Ќе останат ли сегашните ќираџии во поранешната синдикална зграда ?
Регионалниот синдикат на ССМ и општинските организации на Социјалистичка партија и на СДСМ од 13 март годинава ќе треба да плаќаат наемнина за просторот што го користат во поранешната зграда на Синдикатот во Велес. Нивните претседателства деновиве ќе треба да донесат одлука дали остануваат во просториите на кои до неодамна сопственик беше ССМ а сега е општина Велес. Локалната власт го објави електронското јавно наддавање.
Од Регионалниот синдикат, кој го изгуби судскиот процес и зградата премина во сопственост на општината, велат дека дополнително ќе ја соопштат одлуката за тоа што ќе прават во иднина.
Претседателката на велешкиот огранок на Социјалистичката партија, Флорентина Ристова Шурбевска вели дека вечерва партиското раководство ќе донесе одлука дали ќе останат или ќе си одат од просториите кои досега ги користеа.
„Сепак на 13 март ќе ја слушнете нашата дефинитивна одлука бидејќи тогаш ќе се знае кои се лицитирал и го закупил просторот. Ние вечерва ќе одлучиме што ќе правиме,“ рече Ристова Шурбевска.
Само велешките Социјалдемократи веќе донеле одлука да лицитираат на 13 март, да останат во просторот и да продолжат да плаќаат закуп како и досега но наместо на синдикатот на општината. Претседателот Панче Иванов рече дека одлуката ја донеле иако имаат повеќе забелешки за цената споредени со состојбата во која се наоѓа зградата.
„Ние сме на послениот кат и кај нас најмногу се чувствуваат последиците од прокиснувањето на покривот. Водоводната инсталација е стара и водата што тече од чешмите не е за пиење. Имаме и други забелешки но за нив подоцна. Ние одлучивме да останеме во овој простор кој го користиме со децении,“ рече Иванов.
Јавното електронско наддавање ќе се одржи на 13 март, напладне, кога за сите 26 канцеларии и трите дуќани во зградата се бараат закупци./У.Ј