Седумдесет велешани денеска ги легализираа дивоградбите
Велешанецот Јован Бошков од денеска стана сопственик на уште четириесетина метри квадратни простор во неговиот дом. По две години откако го поднел барањето тој денеска го доби решението за легализација на помошните простории кои се наоѓале во неговиот двор. Бошков е меѓу седумдесетината граѓани кои своите дивоизградени објекти конечно ги легализираа.
„За релативно кратко време ги добивме решенијата за легализација. Сега имам уште 42 метри квадратни корисна површина. Станува збор за помошни објекти во мојот двор кои беа диво изградени. Сега конечно и тие се мои“, рече Бошков.
„Добив решение за легализација на надградба на семејна куќа, каде имавме отстапки од урбанистичкиот план и еве сега после две години го легализиравме. Сега имам уште 40-50 метри квадратни корисна површина, тоа се скали и тераси кои водат до горните катови и ги изградивме надворешно за да добијам поголеми соби во домот“, рече Ѓорѓи Каракачанов.
Тој смета дека сепак има среќа оти чекал само две години да го добие решението наспроти граѓани кои на легализација чекаа со децении.
Решенијата за легализација на овие велешани денеска лично им ги врачи министерот за транспорт и врски Миле Јанакиевски. Тој рече дека Велес е општина со најмногу легализирани објекти, дури 2.800 семејства сега живеат во легални домови.
„Досега 36 отсто од барањата на ниво на Македонија се решени или легализирани се околу 116 илјади објекти. 160 илјади предмети немаат геодетски елаборати, а крајниот рок е 31 декември 2015 година, рече Јанакивекси.
Тој потсети дека бесплатни геодтески елаборати можат да добијат семејствата кои добиваат социјална помош или постојана парична помош. Единствено што треба да направат е да поднесат барање до Агенцијата за катастар на недвижности.
Вкупниот број на дивозиградени објекти во Велес, пред да почне процесот на легализација изнесуваше 7864 објекти. Според градоначалникот Славчо Чадиев досега се легализирани над 2800, а на легализација чекаат уште 2400 изготвени барања на кои им недостасува уште геодетски елаборат.
„Неделно обработуваме од 50 до 70 поднесени барања за легализација, но имаме мал застој поради тоа што за поголем дел од барањата се уште не се поднесени геодетските елаборати, рече Чадиев.
Деведесет отсто од досега легализираните објекти во Велес се семејни куќи. Останатите се деловни објекти. /Д.С.