Расте бројот на заболени од грип во Велес
Ординациите на матичните лекари се полни со граѓани заболени со грип. Од Центарот за јавно здравје информираат дека бројот секојдневно се зголемува, но не може да се каже дека состојбата е аларманта. Минатиот месец биле регистрирани 466 заболени граѓани со грип, а само минатата недела со симптоми на заразната болест се евидентирани дури 318 граѓани со грип.
Епидемиологот д-р Билјана Трајкова вели дека најчесто од грип во овој период од годината заболува активното население, на возраст од 20 до 60 години. Тие доаѓаат кај матичните лекари со висока температура, кашлање, кивање, болки во грлото но има и такви со компликации на респираторниот систем.
„Наглото зголемување на бројот на заболени од грип се должи на променливото време. Препорачувам граѓаните да ги избегнуваат масовните собири, да не се дружат со заболени лица. Можат да се заштитат седејќи дома и со пиење на течности, проветрување на просторијата во која отседнуваат или работат, рече д-р Трајкова.
Во инфективното одделение на велешката болница моментално се лекуваат 42-ца граѓани заболени од грип и со компликации на белите дробови. Според портпаролот на болницата д-р Силвана Мишкова, здравствената состојба на овие заболени е релативно стабилна но не можат да се лекуваат во домашни услови. Болничкото лекување на потешките случаи на заболени од грип во просек трае една недела.
Во текот на јануари годинава имало 50 лица заболени од грип./Д.С