Годишни даночни пријави се поднесуваат до понеделник
Редици од граѓани пред канцеларијата на Централен регистар во Велес. Десетици велешани и денеска на три дена од истекот на рокот ги пријавуваат остварените приходи за лани. Велат иако е гужва пријавувањето тече нормално без чекање и нервоза пред канцеларијата. До 16.30 часот пријавите ги примаат вработените во службата а до 18 часот тоа го прави дежурниот работник.
Петнаесети март е крајниот рок за пријавување на годишни сметки, но од Централен регистар информираат дека своите приходи од минатата година граѓаните ќе можат да ги пријават и во сабота и во понеделник. Во сабота службите ќе работат од осум часот наутро до 14 часот попладне и во понеделник од почетокот на работното време до 18 часот. Од годинава обврска да пријават данок имаат и сите вработени кои го добија задолжителниот годишен регрес познат како К-15 па тие прават дополнителен метеж пред шалтерите.
Оние што нема да ја испочитуваат законската обврска и нема да поднесат даночна пријава ќе бидат парично казнети од 500 до 1000 евра. Токму високите казни ги натераа граѓаните иако во последните денови од истекот на законскиот рок, да ги пријават годишните сметки.
Освен со лично поднесување во службите на Централен регистар, даночни пријави се испраќаат и по електронски пат. Годишна даночна пријава не се доставува за остварен приход од плата, пензија или самостојна дејност. Во годишната сметка не влегуваат добивките од игри на среќа остварени во текот на 2014 година.
До сега во УЈП на ниво на Македонија пристигнале над 240 илјади годишни даночни пријави.¬/Д.С