И по четиринаесет години од барањето на екологистите сеуште нема велосипедска патека околу Велес
Со голем ентузијазам и желба за рекреација, велешките велосипедисти чиј број во последниве години станува се поголем, ја отворија пролетната сезона на велосипедизам во градот. Најчесто возат на релација до Езеро Младост или до Бабуна, но има и такви кои рекреативно на велосипеди возат по стариот пат и до Градско.
Но опасност ги демне на секој чекор, се жалат тие. Недостигот од велосипедска патека долж сообраќајницата им претставува голем проблем. Не се чувствуваат безбедни бидејќи како што велат возилата а особено камионите не им даваат предност. Не постојат ниту знаци за присуство на велосипедисти, па честопати се случило да ја скратат маршутата од безбедносни причини.
„Најголем проблем имаме од возилата кои не ни даваат предност, а и камионите со товар над 20 тона се голема опасност за нас. Тие наместо по автопат возат по стариот пат, каде што ние се движиме. Велосипедска патека до Езеро Младост и до Бабуна е крајно неопходна за рекретивците, но за нас кои возиме маунт баик, најдобро би било кога стариот пат за Скопје би се направил со трака од два метри. Тогаш безбедно би возеле со своите велосипеди бидејќи во Велес има голем број велосипедисти“, рече велосипедистот Милан Карага.
Со барање за велосипедска патека до надлежните и годинава се обратија учесниците на еко велосипедскиот крос, што се случи на стартот на пролетта. И тие велат дека крајно време е да се обезбедат нормални услови за возење велосипед.
Од општина пак велат дека велосипедска патека до Бабуна е невозможно да се направи, бидејќи потфатот бил преголем и прескап. Поисплатива патека ќе се правела на потегот од Башино Село до езеро Младост.
„Ние мораме да се прилагодуваме спрема конфигурацијата на теренот, би сакале да направиме и до Бабуна, но не е возможно бидејќи е преголем и прескап потфат . Тоа значи ќе треба да се влезе во ридот, а таму има високи карпести предели, тоа ќе сака посебни елаборати и ќе кошта премногу“, рече градоначалникот Славчо Чадиев.
Општината планира да прави три велосипедски патеки за ридско-планинско возење и тоа една на Св. Илија и две околу езеро Младост. Проектите за патеките веќе се цртале и со градежните зафати ќе се почне штом дозволат временските услови.
Инаку велешките велосипедисти, рекреативци и професионални, со години бараат изградба на велосипедска патека. Досега се сменија тројца градоначалници но никој од нив не си го оствари даденото ветување за изградба на патеката од Велес до езеро Младост./Д.С