„Аутизмот не е трагедија туку незнаењето е“, порачаа родителите аутистичните деца од Велес
Велешанката Весна Андреева е мајка на дете со аутизам. Секојдневна борба е вели таа да се биде дел од животот на дете со посебни потреби, тешкотии и пречки има на секој чекор. Но истовремено Весна е горда мајка и сака да им порача на останатите луѓе дека аутизмот со кој живее нејзиното дете не е болест и заслужува подеднаков третман како и останатите деца. Затоа таа денеска на светскиот ден на аутизмот 2-ри април, од Младинскиот парк им порача на граѓаните да ја подигнат свеста и да дознаат нешто повеќе за аутизмот, а од институциите побара да не ги занемаруваат проблемите со кои овие деца се соочуваат.
„Тешко е да се биде мајка на дете со аутизам, но секојдневно се бориме да бидеме подобри. Но морам да кажам дека сум горда мајка на едно дете кое има најискрени чувства или те сака или не те сака. Моето дете учи во посебното училиште Маца Овчарова, не сака да оди но некако успеваме, бидејќи тоа не може да оди во редовно училиште. Сакам да им порачам на граѓаните да не ги отфрлаат ваквите деца, бидејќи и тие се дел од заедницата во која живееме и заслужуваат еднаков третман“, рече Андреева.
Децата со аутизам во Велес се школуваат во посебното основно училиште Маца Овчарова. Од таму велат дека бројот на овие деца секојдневно расте, па отука потребата да се слушне за аутизмот кој се карактеризира со нарушување на развојот и се јавува во првите три години од животот.
„Бројката е значителна и токму затоа се и овие настани да се подигне јавната свест за унапредување на човековите права особено на лицата со посебни потреби не само во процесот на образование туку и во здравството и социјалната вклученост. Мојата порака е секој заслужува шанса и никој не треба да биде исфрлен од ова општество, рече директорката на ПОУ Маца Овчарова, Тања Љапова.
Со аутистичните деца во Велес работи волонтерка од Мировен корпус, Сара Макфитерс. Таа вели дека за овие деца треба трпение и љубов бидејќи и тие имаат способности и можат да учат.
Со аутизам секојдневно се соочуваат над 200 илјади граѓани во Македонија. Велес годинава за прв пат се вклучи во одбележувањето на светкиот ден посветен на аутизмот. Вечер светилките на велешкиот театар ќе светнат во сина боја и на тој начин ќе биде дел од кампањата за одбележување на овој ден во светот.
Децата со аутизам во Велес денеска беа дел од манифестацијата посветена на нив и се чувствуваа еднакви со нивните другарчиња од балетската група Анабела. Меѓу нив беше и синот на Весна која посакува не само овој туку сите останати денови во годината да му бидат исполнети со здравје, среќа и љубов./Д.С