Депресивните граѓани го полнат Центарот во Велес
Над двеста велешани во изминативе четири месеци побарале помош во Центарот за лекување на депресија отворен во Здравствениот дом во Велес. Најмладиот пациент имал шеснаесет а најстариот бил на шеесетина години. Најчесто социо економски причини ја предизвикуваат болеста, велат специјалистите невролози и невропсихијатри кои се вклучени во медицинскиот тим. Со нив работи и психолог.
Помладите пациенти понекогаш доаѓаат и од љубопитност. Не сите се разбира бидејќи има и такви на кои лошата финансиска состојба со која се соочуваат во семејството им создава психичко оптоварување. „Ќе слушнете приказни за тоа како на пример потребата од козметичар, која семејството не може да му ја плати на своето дете, тоа ја доживува како траума и му создава психички проблем исто како и некоја друга потреба за разубавување, подобрување на изгледот, потребата од нова гардероба. Има и случаи, кога на таа возраст, исто така причина за депресијата се љубовните проблеми, “рече д-р Никола Николов. Тој беше дежурен во средата во Центарот и ги сподели првичните искуства од досегашната работа на медицинскиот тим.
Сепак посериозни се причините на повозрасните граѓани кои освен со финансиските проблеми се соочени и со нарушени односи во семејствата.„ Помеѓу брачните другари, со родителите или пак со децата, проблемите се исти и не секој пациент може да се носи со нив. Тоа се одразува на нивниот живот, луѓето се повлекуваат во себе, проблемот ги тишти подолго време и тие запаѓаат во депресија. Тогаш во работата го вклучуваме психологот. Резултатите од тестирањето, на кој е ставен секој од пациентите, ни помага заедно да ја лоцираме причината а кога ќе ја дознаеме тогаш и лекувањето е полесно,“ рече д-р Николов.
Во Центарот исто така услугите ги користеле и голем број на пациенти кои веќе се лекувале на нервното одделение во болницата во Велес. По болничкото сега тие продолжиле и со амбулантско лекување. Центарот им стои на располагање на граѓаните секоја среда попладне и работи во поранешната интернистичка амбуланта, на вториот кат, во Здравствениот дом. /У.Ј