Се собираат потписи против Законот за хонорарци во Велес
Се собираат потписи за оспорување на законот за хонорарци пред Уставен суд во Македонија. Стотици хонорарци но и други граѓани пополнуваат формулари кои потоа заедно со претставките ќе бидат поднесени до Уставниот суд. Според претседателката на синдикатот на новинари Тамара Чаусидис, овој закон се покажа како нефункционален и хонорарците ги оптеретува со дополнителни административни трошоци. Таа вели дека газдите не плаќаат придонеси и голем број на хонорарци изгубија работа.
„Овој закон досега два пати се менува и се покажа дека институциите не се подготвени да го спроведат, бидејќи немаат капацитет. Тоа можам и со пример да ви го потврдам, хонорарка регуларно си уплатила во Фондот за здравствено и пензиско осигурување, но од таму и рекле дека сега не знаат што да направат со нејзината уплата, рече Чаусидис.
Пакетот закони со кои на хонорарците им се наметнува обврска сами да си плаќаат придонеси за здравствено и пензиско осигурување се нејасни и двосмислени па ниту администрацијата не знае да ги спроведе, велат од иницијативниот одбор за собирање потписи. Според нив хонорарците имаат обврска да плаќаат придонеси но немаат право на плата, пауза, годишен одмор, на синдикално здружување ниту пак право на породилно односно родителско отсуство.
Против спроведување на овој закон Синдикатот на новинарите на Македонија досега одржа два протести во Скопје каде голем број засегнати граѓани го искажаа својот револт против ваквите законски мерки.
Инаку иницијативата за собирање потписи започна од 23 март и ќе трае до 6 април. Потписи за оспорување на законот за хонорарци се собираат речиси во сите градови низ државата. Со иницијативата граѓанските и еснафските здруженија бараат Уставниот суд да донесе времена мерка за стопирање на примената на законот, одржување јавна расправа во Судот и поништување на спорниот закон. Потписи се собираат и во Велес./Д.С