Подигање на јавната свест неопходна за вклучување на аутистичните луѓе во секојдневниот живот
Аутизмот не е трагедија и на секого може да му се случи, но незнаењето е навистина голема трагедија. Ова е ставот на волонтерката од Мировен корпус Сара Мекфитерс. Со голема љубов и трпение таа секојдневно работи со аутистичните деца во посебното основно училиште „Маца Овчарова“ во Велес. Единствено така вели таа овие деца постигнуваат успех како во образованието така и во секојдневниот живот.
„За да се работи со вакви деца треба само трпение и љубов, а кога нешто се работи со љубов тогаш воопшто не е тешко. И овие деца имаат способности и можат да учат само е потребна трпеливост при одгледувањето и работата со нив“, рече Мекфитерс.
Иако аутизмот не е болест туку нарушување на развојот на детето, луѓето во државава тешко го прифаќаат. Многумина од нив и не знаат за аутизмот и токму затоа се индиферентни, вели Мекфитерс. Крајно време е да се подигне јавната свест бидејќи бројот на аутистични деца континуирано се зголемува.
Во Велес се уште нема регистрирано бројка на аутистични деца, но во Македонија со аутизам секојдневно се соочуваат над 200 илјади граѓани. Во Европа пак од вакво нарушување страдаат околу 8 милиони луѓе. /Д.С