Вардар пак се излеа во центарот на Велес
Поплавен е кејот на левата страна од градот, водата ги потопи сите скали до речното корито и првите неколку од платформата на Мало мовче. Од десната страна на мовчето реката се излеа од коритото токму под столбот. Рибарите кои и денеска ловат риба рекоа дека кога утрово дошле количината на вода во Вардар веќе била зголемена во споредба со вчерашниот ден.
Од Центарот за известување информираа дека денеска водостојот на Вардар е зголемен. На мерењето во 7.30 часот протокот на вода во коритото на реката изнесувал 138,40 м3 во секунда или повеќе за 28 м3 во секунда од вчерашниот ден. Од општината излегле на терен и констатирале дека и покрај зголемениот водостој реката не се излеала на други места долж речното корито.
„Нема ни пријави од граѓани за излевање или штети,“ рекоа од Центарот. Граѓаните кои живеат во куќите покрај кејот, од страната на административниот објект на Повардарската епархија, исто така велат дека во текот на денот забележиле дека има се поголема количина на вода во реката. Засега не се во опасност нивните подрумски простории и тераси но доколку водата продолжи да се зголемува тогаш кај дел од нив можно се поплави.
Дождливото време и овој пат ја зголеми количината на вода во реката. Излевањето на Вардар во Велес постојано се случува на најниската кота која е во централното градско подрачје, кај Мало мовче. /У.Ј