„Не праведно не судат за мачките на соседката“, се жалат велешани обвинети за тепање мачка
По втор пат семејството во Велес губи судски процес за малтретирање на мачка. Претходно сопругот а сега велешанката Марија е обвинета за тепање на мачката на соседите. Овој пат не сама туку заедно со неа тужени се уште три семејства. Сите живеат во велешката населба Отовица и велат дека не мачката од нив туку тие од соседката немаат мир. Сопругот на Марија пред шест години бил обвинет, осуден и си платил казна од 2 илјади евра. Сега тие и соседите повторно го изгубија спорот во велешки суд но за друга мачка на нивната соседка.
„Мажот ми беше обвинет без докази и осуден без сведоци. Плативме штета од 2 илјади евра за наводно факање, држење во раце и тепање на мачка. Не сум задоволна ни од адвокатот ниту од судството. Требаше ли да викнат вештак и да докажат дека може да се држи во рака и да се тепа мачка. А ни одбукција не направија. Јас мислам дека ако така постапил тогаш мачката очи ќе му извадела и него и на секого. Ама ние изгубивме и плативме висока оштета. Јас мислам дека соседката на овој начин заработува пари и дека најверојатно некој и помага, незнам дали судството или друг во секој случај некој стои зад неа,“рече Марија. Таа се пожали дека ни тогаш ниту сега имаат каде да побараат помош.
Но, нивните проблеми со соседката и нејзините мачки не завршиле тогаш. Лани повторно влегле во велешки суд како тужени поради друга мачка на нивната соседка. Но не сами туку заедно со уште три други семејства во Отовица. И по одржани дванаесет рочиштаповторно го изгубиле случајот.
„И повторно се случи истото. Отишла мачката кај соседката Милка а таа ја удрила со камен, потоа дошла кај мене и јас сум ја мавнала со рачка од метла, па мачката се качила на капиџикот кај третиот комшија и и фрлиле лепче со некаква материја а ноќта полека, полека стигнала кај четвртите комшии кои ја мавале со раци, нозе, со стап и сите завршивме на суд. И изгубивме на основен суд бидејќи ни донесе лажни сведоци а судијата не ги сослуша нашите сведоци кои ќе потврдеа дека на посочениот ден, Петровден, ние не бевме во куќите во Отовица,“ рече Марија.
„Нашиот адвокат побара наод од обдукција и ренгенска снимка од мачката но соседката која не тужи рече дека не направила. Судот не опомена и неа и соопшти дека може да продолжи да не тужи во граѓанскиот оддел. А ние се жалиме пред Апелацискиот суд во Скопје. Што друго да ви кажам освен дека жената е опседната со мачки и кучиња и ги има во голем број во својот дом,“ рече Милка.
Овие жени мислат дека нема да имаат мир се додека соседката повторно од нив не извлече пари.
„Бараме правда, бараме мир бидејќи се што кажа таа жена излажа. Ова веќе не се трпи. Не е точно дека сме отепале мачка едноставно не е вистина. Не знаеме каде да се обратиме за помош, некој да ни помогне да си го вратиме мирот,“ рече Виолета.
Тие се пожалија и дека соседката постојано ги надгледува и преку видео надзор. Сега се надеваат дека Апелацискиот суд ќе стави крај на нивната повеќе годишна сага со праведна пресуда па ке можат да си го вратат мирот и спокојот./У.Ј