(Обновено) Од Скопје за Велес засега или по стариот макадам пат или преку Куманово и Свети Николе
Екипите на ЈП „Македонија пат“ , подружници Автопат и Велес, еднаш успеаја да расчистат дел од големиот одрон на патот Скопје – Велес и да оспособат една коловозна лента но потоа се свлече нов куп со земја. Патот повторно е затворен за сообраќај. Засега кон Велес може да се вози од Катланово по стариот макадам пат или да се заобиколува преку Куманово и Свети Николе.
„Екипите на Македонија пат продолжуваат да работат. Нова количина на земја се свлече на автопатот. Ја затрупа еднаш веќе расчистената коловозна лента. Возачите и патниците од Скопје ќе мораат да кружат преку Куманово и Свети Николе или да возат по стариот макадам пат од Катланово до Велес. Штом има нови информации ќе ви ги соопштиме,“ рече раководителот на велешката подружница на јавното претпријатие, Томе Јаневски.
Одронот на патот кој сосема го блокира сообраќајот се наоѓа под манастирот „Свети Јован“. /У.Ј