Предвелигденска хуманитарна манифестација во Велес
Шарени Велигденски јајца, декоративни предмети и украси, пармаци, сукано, благо, поливалентниот простор во основното училиште „Блаже Конески“ наликуваше на вистинска Велигденска трпеза. На штандовите беа изложени најразлични предмети и украси, кој од кој поубав, но исто така неизбежни беа и вапцаните јајца.
И сето тоа го подготвија домаќинките од Организацијата на жени, наставничките и мајките на децата од сите основни училишта во градот. Се одржа традиционалната манифестација во пресрет на најголемиот христијански празник Велигден.
„ Една убава традиционална манифестација која од година во година е се помасовна. Секој се натпреварува да го изработи најубавото Велигденско јајце, украс и слично. Се надевам така ќе продолжи и во иднина. Во пресрет на Велигден јас им посакувам здравје, среќа радост, мир во домовите на сите православни верници и би посакал сите заедно во мир и толеранција да ја градиме нашата држава“, рече градоначалникот Славчо Чадиев.
Една ваква манифестација не би била комплетна без велешките пензионерки. Нивните производи за час ги снема од штандовите, а ретко кој можеше да оддолее на декоративните Велигденски украси.
„Велигденското црвено јајце е во центарот на внимание на оваа манифестација која ја нарековме „Нај црвено јајце“ и не случајно го одбравме овој наслов бидејќи по традиција и вера Велигденските јајца се вапцаат во црвена боја, која ја го симболизира животот. Но еве креативните идеи на младите создаваат шаренило од преубави декорирани јајца“, рече претседателката на организацијата на жени пензионерки Неделка Ѓорѓиева.
Манифестацијата освен изложбен има и хуманитарен карактер. Собраните пари од продажбата на предметите, украсите и прехрамбените производи ќе бидат наменети на некој на кого му се најнеопходни./Д.С