Одронот е исчистен, по патот Скопје – Велес се одвива сообраќај
Се вози по двете коловозни ленти на патот Скопје – Велес, кај манастирот „Свети Јован“. По дваесет и четири часа од одронувањето на голем дел од ридот кој целосно го затрупа патот денеска двете коловозни ленти се исчистени и пуштени во употреба. Сепак на самото место на одронот сеуште се работи бидејќи има еден опасно надвиснат дел од карпа па поради безбедност, се вози само по една коловозна лента, на десната страна додека на левата се поставени знаци и по неа сеуште не се одвива сообраќај. Така е на отприлика околу половина километар од патот. Таму се работи петнаесет минути па петнаесет минути се паузира а тоа значи дека возилата во исто толкав временски период стојат или се движат по патот.
„Од безбедносни причини ваквата ситуација ќе се следи во текот на денешниот ден. По вчерашното повторно одронување на земјата сакаме да обезбедиме максимална безбедност и затоа одлучивме тие 500 метри од патот да не бидат веднаш ставени во функција,“ рече раководителот на велешката подружница на ЈП „Македонија пат“, Томе Јаневски.
Вчера оваа подружница на јавното претпријатие им помагаше на колегите од Автопат во расчистувањето на одронот. На оваа делница сообраќајот беше блокиран во изминатите дваесет и три часа. Тогаш колони од возила чекаа со часови да стигнат од Скопје во Велес или за да го продолжат патувањето кон други градови во државата. Потоа дел од блокираните патници и возачи одлучија да го користат стариот макадам пат од Катланово до Велес или да заобиколуваат преку Куманово и Свети Николе./У.Ј