Власта на Груевски со закани за исфрлање на станарите од социјалните згради во Велес, обвини СДСМ
Новите договори за закуп на таканаречените социјални станови во населбата Тунел се со повисока цена за 40 проценти. Становите кои се наоѓаат на периферијата на Велес се проценети со многу високи цени дури и повисоки од пазарните комерцијални станови во центарот на градот. Со вакви реакции денеска излезе велешката опозиција. Според СДСМ сега станарите кои живеат во нив се исправени пред уште еден социјален предизвик, да продолжат да живеат во нив како подстанари или да ги напуштат, бидејќи како што велат тешко дека ќе можат да ги откупат. За ваквата состојба на станарите ја обвинуваат власта на Груевски која две и пол години го игнорирала барањето на 144 станари и не им дозволила да ги продолжат нивните договори за закуп.
„ Луѓето, две ипол години, од септември 2012, до февруари 2015 година, редовно си ги плаќаа давачките за становите во коишто живеат со години и две ипол години живееа во страв и неизвесност дека “утре“ може да се најдат на улица.Тој момент сега им е пред врата.Сега, кога Буџетот е празен и треба да се полни, а граѓаните се осиромашени до максимум од лошите политики, власта на Груевски излезе со неверојатно барање кон овие семејства и се заканува на социјална категорија на граѓани дека ќе ги остави на улица“, рече Весна Стојанова Богоевска.
Опозицијата смета дека најголем дел од луѓето кои живеат во становите се со ниски примања и не можат да си дозволат толку високи цени.
„Велите дека становите се изградени по највисоко стандрди. Прашуваме дали тука спаѓа и парното за кое велите дека се наоѓа во становите а во ниту еден стан нема инсталирано парно греење? Додела Груевски и неговите соработници се богатат со парцели и станови по багателни цени, а потоа менуваат закони и урбанистички планови за да ја зголемат нивната пазарна вредност, граѓаните кои едвај излегуваат на крај егзистенцијално се притиснати да го полнат празниот Буџет“,рече Богоевска.
Инаку договор за откуп на стан во социјалните згради, склучи само едно велешко семејство. Поголем дел од останатите 144 станари ги продолжија договорите за закуп во наредните пет години./Д.С