Сто години од првата „бонбониера“ во Велес, на Палашеви
На локум, алва, јатма шеќерчиња, бадем бонбони и други видови на слатки велешани се насладувале уште на почетокот на 19 век. Благодарение на Милан Палашев, првиот слаткар во Велес и на неговиот дуќан. Тој ја отворил првата бомбоњера во градот, во месноста Варналиите откако претходно неколку години во Солун го учел занаетот, кај познат и во тоа време признат мајстор слаткар.
„Татко ми занаетот го научи кај некој мајстор во Солун. Имено, како турски војник се запознал со војник од турска националност. Живееле како браќа. Војникот му рекол ако останат живи тој ќе го покани во работилницата на неговиот татко, во Солун, да го научи слаткарскиот занает. Ветувањето го остварил по седум години поминати во војска. Татко ми отишол во Солун и неколку години го учел слаткарскиот занает. Потоа се вратил во Велес и првиот дуќан го отворил во месноста „Варналиите“, вели Илија Палашев, син на Милан.
(Месноста Варналиите во Велес)
Тивкиот и многу вреден слаткар велешани го опишуваат како голем пријател на сиромашните граѓани бидејќи постојано им помагал. Тие за Милан велат никогаш не заборавил дека потекнува од сиромашно семејство . А бидејќи „раката која што дарува никогаш не се суши“ бизнисот на велешкиот слаткар се развивал па набрзо купил место во месноста „Каратино гумно“, во строгиот центар на Велес или на локацијата каде што се наоѓа комплексот згради Чешел, на кое изградил куќа во која отворил слаткарска работилница и вработил неколку чираци. Веднаш потоа на главната улица Милан отворил втора продавница, втора бомбоњера во градот.
„Така слаткарскиот занает станува семеен бизнис на Палашеви. Татко ми за ортак го зема неговиот брат Димче. Работата уште повеќе му тргнала па во 1933 година изградил уште една куќа. Тој обезбедил добра егзистенција за целото семејство во кое освен двајцата браќа има и три сестри. И се тоа благодарение на нивниот труд, вредна и чесна работа што велешани умееле да ги препознаат. Граѓаните се насладувале на слатките, на бомбоните и алвата. Сите доаѓале да пазарат од Палашеви, чии производи многу млади момчиња ги подарувале за да изразат љубов, многу мајки и татковци ги купувале за да ги израдуваат своите деца и кој знае колку возрасни граѓани биле почестени од своите најблиски кога им искажувале внимание, почит, со или без повод,“ рече Илија Палашев.
(Месноста „Каратино гумно“ на која Милан Палашев ја изградил првата куќа и слаткарската работилница)
А за квалитетот и вкусот на слатките од дуќаните на Палашеви, освен двајцата браќа, заслужни биле и чираците Благој Дангалов, Алексо Картовалиев, Петре Нешов и други. Милан и со ова не се задоволил.Со помош на Алексо Левков, познат голем велешки бизнисмен, од Германија купил машина за правење на свилени бонбони, фондон бонбони, бадем бонбони и други видови и за прв пат почнал да ги произведува во Македонија. Набрзо потоа неговата слаткарска работилница започнала да произведува и разни видови на слатка од смокви, цреши, кајсии, лубеница, тикви, дуњи и други видови на овошки кои биле барани не само од велешани туку и од трговци и жители на други градови.
„ Дедо ми Ангелко Палашев, беше првиот библиотекар во Велес и во Македонија. Големиот број на книги на нашата куќа и дадоа обележје на културна институција. Доаѓаа сите напредни луѓе од Велес. И татко ми сакаше многу да чита. По работата често седнуваше и читаше книги. Се гордеев со него, особено со неговата хуманост и домаќинлакот. Им помагаше на сиромашните. Кај нас живееше и Јовче Амалот, оној јунак од „Побратими“ на писателот Јордан Леов. Татко за него се грижеше, а кога умре му организираше закоп. Ќе кажам дека како еснаф човек, за татко ми, сите велеа дека подобар од него нема во велешката чаршија“, рече Илија.
( Милан Палашев)
Дуќанот бонбониера на Милан Палашев одлично работи се до ослободувањето . Со доаѓањето на новата власт за жал му бил национализиран, а машините од работилницата му биле одземени и однесени во новоформираното претпријатие „Јагода“ во кое како раководиотел бил поставен неговиот чирак Благој Дангалов.
„Тоа беше голем удар за него. Се разочара, не ја прифати конфискацијата на имотот што го создаде со свои раце и со свои пари. Не можеше да замисли да остане без работа и егзистенција за семејство. По две години татко почна да продава семки од тиква и семки од кајсии. Вредно и неуморно се посвети и на тој занает. Ноќе катеше, печеше а од утро до мрак продаваше на главната улица.Така работеше пет години и обезбедуваше пари за сите нас“, рече Илија.
( Мајстор Милан Палашев пред дуќанот Бонбониера, во центарот на Велес)
Семките не обезбедувале доволно голема заработувачка па Милан , како што вели неговиот син Илија, отишол во Скопје, во Владата. Таму се сретнал со Страхил Гигов и му кажал се што му се случило и како останал без работилницата и своите машини, дека нема пари леб да си купи а Гигов наредил веднаш да му вратат две машини за бонбони, неколку калапи и казанот за правење на локум и алва.
„ Тогаш плачеше од радост. Беше пресреќен. Со враќањето на машините и другите садови му го дадоа поранешното стрелиште, кое се наоѓаше веднаш до тогашната Општина или до зградата на некогашен „Велеспром“ и „На – Ма“. Работеше и дење и ноќе и успеа да го уреди дуќанот во кои повторно почна да продава слатки производи. Тука остана две години. Заради изградба на „На – Ма“ дуќанот беше урнат. На татко му дадоа друг дуќан од другата страна на улицата. Таму работеше уште три години. Од разочараност и с`клет се разболе и почина на осумдесет годишна возраст, во 1966 година,“, рече Илија.
Така згасна слаткарскиот занает на семејството Палашеви. Но потврда дека генот се пренсува од колено на колено е неговата внука Дијана која тргна по стапките на својот дедо Милан и со подготовката на торти и колачи го продолжува занаетот на нејзиниот дедо Милан. А тој ќе остане запаметен како првиот бонбонерџија во Велес . По неговото првенче, дуќанот бонбонера, набрзо во градот се отворил и втор, на Милан Фирфов, татко на познатата Раца Ѓоргова.
Стоилко Андреевски