Реновиран е Пензионерскиот дом во Велес
Осумдесет и едно годишниот Јордан Јанев е еден од многумината пензионери кои секојдневно доаѓаат во пензионерскиот дом. Тој во друштвената сала наутро од 10 до 12 часот и попладне од 16 до 19 часот игра домино со своите пријатели. Така е со години, вели Јанев додека денеска присуствуваше на свеченото предавање на реконструираниот дом.
„Многу е чисто, посветло, ја нема старата реа на трулеж. Подобрени се условите за престој а нам, на пензионерите, тоа ни е најважно. Се чувствува свежина и благопријатна миризба. Претходно не беше така. Оддалеку се познаваше трулежот што не беше добро за хронично болните пензионери,“ рече Јанев.
Освен друштвената сала во пензионерскиот објект се реконструирани и кујната,магацинот е преадаптиран во помала трепезарија, шахистите добија своја просторија а сите заедно можат да користат и помала сала.
„Многу често сум тука. Јас сум член на пензионерскиот одбор и присуствувам на сите состаноци а учествував и во реконструкцијата на домот и денеска сум тука на прославата на пензионерите. Сега мислам дека е подобро, има еден нов дух и ново здружување на пензионерите,“ рече пензионерот Благој Кочов.
„Сега ни останува уште да се покрие со настрешница терасата или просторот пред самиот влез во пензионерскиот дом. Инаку е чисто, бојадисано, смента ламперија и далеку е поубаво,“ рече пензионерот Благој Стојанов – Баге.
Ова е прва реконструкција на објектот по неговата изградба. Раководството на Здружението на пензионери одлучи добивката која на годишно ниво изнесува 900 илјади денари да ја инвестира во реновирање на домот, на пензионерските станови над него како и во опремување и реконструкција на пензионерски клубови во трите општини Велес, Чашка и Градско.
„Тоа се сретства од пензионерите за пензионерите. Ни останува уште да го доопремиме домот во Велес со инвентар, нови завеси и да ја замениме надворешната дограма, прозорите и вратата на големата друштвена сала. Да поставиме тенда врз терасата која во најголем дел ја избетониравме. Потоа да ги реновираме стан по стан, домовите на пензионерите кои живеат над службениот дел на објектот. Исто така ќе отвориме клубови на пензионери во Извор, Богомила, Чашка и во Градско, во рамките на урбаните заедници,“ рече претседателот на Здружението на пензионери на Велес, Веле Алексоски.
На свеченото пуштање во употреба на реновираниот пензионерски дом настапи пејачката група „Пензионери“ која под диригентство на Димче Митев исеја три композиции. Потоа присутните добија и велигденски јајца што ги бојадисаа членките на Активот на жени пензионерки од Велес./У.Ј