Изгоре стара куќа на Којник, во Велес
Се запали, вечерва, стар дел од куќа на улицата „Кирил Пејчиновиќ“ број 13. Огнот избувнал околу 21 часот. Пламенот излегувал преку ќерамидите и почнал да им се заканува на електричните кабли и бандерите на улицата. Први го забележале соседите и веднаш пријавиле во полиција и во пожарна. Тие се сомневаат дека го предизвикал нивниот сосед кој живее во куќата.
„Излегов на тераса да запалам цигара и одеднаш видов како излегува пламен од куќарката. Беше доста висок и им се закануваше на електричните кабли. Пријавив и побарав помош од пожарникарите. Се сомневам дека е предизвикан од соседот и ако е така тогаш тоа не е добро бидејќи на оваа улица куќите се залепени една до друга па како глувци може да изгореме сите,“ рече жител на улицата „Кирил Пејчиновиќ“.
„Час претходно слушнав тропање на влезната порта на соседите. Дојде полиција и влезе внатре. Потоа се случи пожарот. Додека дојдоа пожарникарите ние од околните куќи со црева се обидовме да гаснеме. Се исплашивме, ова е густо населена улица а пламенот беше доста висок и претеше опасност на околните куќи и нив да ги зафати. Штом дојдоа пожарникарите тие ја превзедоа работата во свои раце,“ рече жител на улицата „Кирил Пејчиновиќ“.
Пожарникарите интервенираа со две возила. Пожарот за кратко време беше ставен под контрола а потоа угаснат. Огнот не се прошири на новиот дел од куќата. Причините и штетата дополнително ќе се утврдуваат./У.Ј