Креативни жени: Дарија од Молдавија и Драгица од Велес
Декубаж, изработка на накит, плетење и везење се креативните вештини на триесет и две годишната Молдавка, Дарија. Таа веќе една година е велешка снаа. Дипломирала на педагошки колеџ во Молдавија и не е вработена во Македонија. Дарија дел од своето слободно време одлучи да го мине во регионалниот Креативен Центар во Велес како една од педесет и петте жени учеснички во проектот за економско јакнење на жените од Вардарскиот регион на Фондација „Фокус“.
За почеток ни раскажа дека во Молдавија уште како мало девојче ги совладала вештините на плетење и везење. Како ученичка, средношколка почнала да изработува накит додека во студентските денови им се посветила на покреативните вештини како што е декубаж и пачворд. За една година во земјата на нејзиниот сопруг Дарија му се посветила на учењето на македонскиот јазик и таа релативно добро го зборува. За она за што од прв момент не може да разбере љубезно бара да и се повтори.
„Овде стекнав многу пријателки. Во Центарот ми е многу убаво затоа што учам нови креативни вештини и ги повторувам старите, оние што јас одамна сум ги совладала. Особено сум задоволна од обуката со обучувачките од Словенија. Слушнав многу нови информации. Најголем впечаток ми остави создавањето на производи од хартија и пластични кеси. На тоа ќе се посветам во иднина. Ќе плетам производи и од хартиениот смет дома ќе создавам сувенири, рече Дарија.
Оваа млада жена вели дека во изминатите три месеци разменила искуства со своите колешки. Таа покажала што знае и умее да работи но и прифатила многу искуства од штотуку стекнатите пријателки. Една од нив е велешанката Драгица.
„Искрено ќе ви кажам дека овде во Центарот многу ни е убаво. Во исчекување сум на секоја нова работилница или обука затоа што како невработена жена имам премногу слободно време. Тука во еден ден, во тие три ипол часа, слушам безброј нови идеи, гледам како тие идеи се претвораат во производи. Создаваме накит, петнаесет жени одеднаш. Обучувачката ја слуша мојата идеа а потоа ми дава инструкции како да ја преворам во обетки или гердан, брезлетна, брош. Од што од кој материјал тоа би било најдобро да го сторам, кој бои да ги употребам за да можам да ги продадам. Одлично функционираме и како група, креативно е и навистина ми го исполнува времето,“ рече Драгица.
Таа додаде дека ја фасцинирале обучувачките од Словенија, Маја Ријавец и Маја Модријан, нивната креативност и вештина. Драгица повеќе нема дома да ги фрла влошките од јајца туку користејќи го искуството на двете Словенки ќе создава сувенири. Се надева дека од продажбата ќе си создаде буџет со кој ќе продолжи да работи во иднина.
Проектот на Фокус и словенечката невладина организација ИРД во Македонија се реализира три месеци. Ќе трае до септември 2016 година. Финансиран е од министерството за надворешни работи на Република Словенија со 80 илјади евра. Со овие сретства е создаден регионалниот Креативен центар во Велес, се купија алатки и машини и се купуваат материјали за работа на педесет и петте жени вклучени во проектот./У.Ј