Преполовен родот а рекордна откупната цена на младиот кромид
За 100 денари по килограм се откупува младиот кромид од велешко. Накупци со камиони секојдневно доаѓаат на нивите и го откупуваат родот кој годинава има рекордна висока откупна цена, но е со слаб род. Имено поради лошите временски прилики дел од засадените површини беа замрзнати па според производителите родот на младиот кромид годинава е преполовен.
„Навистина имаме помал род меѓутоа никогаш младиот кромид немал толку висока откупна цена. И високата цена не им сметаше на накупците кои за време на Велигденските празници буквално се натпреваруваа кој повеќе ќе откупи од производителите од Башино Село, Велес, Ногаевци, Уланци и Градско. Со оваа цена ги покривме сите трошоци па немавме загуба од родот кој измрзна“, рече Страшо Гонев, производител од Велес.
Интересот за откуп на младиот кромид е голем и по Велигденските празници, велат земјоделците. Повторно секој ден накупци доаѓаат со камиони и го откупуваат родот по иста цена.
За разлика од лани кога беа откупени околу 600 тони млад кромид, годинава до сега се откупени над 300 тони. До крајот на бербата се очекува да бидат собрани и откупени уште околу педесетина тони кромид.
Инаку веднаш по бербата на кромидот земјоделците површините ги подготвуваат за пролетната сеидба, за садење на домати, пиперки, зелки, праз и други градинарски култури./С.А